Фудбал

Р9 ПРЕТСЕДАТЕЛ, А ПЕП СЕЛЕКТОР ЗА АТАК НА СВЕТСКАТА ТИТУЛА?

Повеќе шпански медиуми отрово информираа дека Роналдо Назарио, бразилската фудбалска легенда, ја планира својата кандидатура за претседател на фудбалската федерација на Бразил, а најголемо ветување во неговата кампања ќе биде ангажманот на Пеп Гвардиола на селекторското столче.

Имено, претседателските избори во федерацијата на Кариоките ќе се одржат во првото тримесечје од 2025 година, една година порано од завршувањето на мандатот на актуелниот преседател Едналдо Родригес, кој најави повлекување, а токму популарниот „Р9“ ќе биде прв кандидат да го наследи.

Роналдо во својата богата играчка кариера делеше соблекувална со Пеп од времето кога играше за Барселона, па сон му е токму неговиот близок пријател да ги предводи Кариоките и заедно да го напаѓаат Мундијалот кој во 2026 година ќе се одржи во САД.

Шансите да се случи ова не се мали, бидејќи Гвардиола ја работи последната година од договорот со Манчестер сити и засега нема знаци дека соработката ќе се продолжи, така што од јули 2025 Пеп би бил слободен. Кариоките пак, чекаат на светска титула од 2002 година, која ја обезбедија токму со головите на Роналдо во големото финале против Германија, на Мундијалот кој се одржи во Јужна Кореја и Јапонија.