ПЕП СО ЛИСТА ОД ЧЕТИРИ ПОТЕНЦИЈАЛНИ ЗАМЕНИ ЗА ПОВРЕДЕНИОТ РОДРИ
Објавено на: 25.09.2024
Пеп Гвардиола не сака да остави ништо на случајот и набрзо по вестите дека Родри принудно ја заврши сезоната поради повредата на коленото, направи листа од четири потенцијални замени на шпанскиот репрезентативец.
На листата се најдоа двајца играчи од Серија А, Шпанец и млад англиски талент кој веќе игра во Премиер лигата.
На врвот на листата е Николо Барела, кого Пеп имаше прилика да го гледа во одлично издание токму во ремито без голови меѓу Сити и Интер во првото коло од Лигата на шампионите. Воедно Барела би бил и најтешка мисија за управата на Граѓаните во обид да го оствари трансферот, со оглед на тоа дека е многу важен играч за италијанскиот првак.
Втора опција е Едерсон од Аталанта, за кого повеќе англиски клубови покажаа интерес во текот на летниот преоден рок, но Бразилецот остана во Бергамо.
Мартин Зубименди одново е мета на англиски гигант, во овој случај Сити, кој беше на прагот да потпише за Ливерпул летово, меѓутоа ја одби понудата и остана во Сосиедад.
Последната опција е Адам Вартон од Кристал палас, кој е претставен како идна ѕвезда на англискиот фудбал. Вартон има 22 години и веќе има еден настап за Гордиот Албион, а беше дел и од националниот состав на Англија за Европското првенство, каде не доби шанса да заига.
На кого и да се падне изборот, Сити ќе мора да издвои доста голема сума за да потпише еден од овие четворица фудбалери, а воедно прашање е дали било кој од нив ќе може да придонесе за тимот како што тоа го правеше Родри во изминативе сезони.