Фудбал

ЗА ДВА БИЛЕТИ ПЛАТИЛЕ 2.800 ЕВРА ЗА „ЕЛ КЛАСИКО“, НО ГИ ИЗБРКАЛЕ ОД СТАДИОН ПОРАДИ РАДОСТ ЗА ГОЛОТ НА РЕАЛ

Еден навивач на Реал Мадрид тврди дека тој и неговиот син биле избркани од трибините на стадионот „Камп Ноу“ откако се израдувале на првиот гол на Килијан Мбапе за време на „Ел Класико“. Словакот Франтишек Ваврек открива дека тој и и неговиот син Денис морале крајот од првиот дел и цело второ полувреме да го гледаат на мобилен телефон иако платиле дури 2.800 евра за двата билети.

Тој сакал да му подари на својот син патување на најголемото шпанско дерби по повод неговиот 18-ти роденден. Патувале околу 300 километри од Прешов до Будимпешта, а потоа со авион заминале за Барселона. Со нив биле и пријатели на семејството од Хрватска – Крунослав Пипиниќ и неговиот син Крешимир, кој исто така наполнил 18 години само два дена пред натпреварот. Според Ваврек, нивните пријатели биле навивачи на Барселона.

Вкупно биле платени 5.600 евра за четири билети од прва категорија – по 1.400 евра за билет. Сите седеле во секторот 113, меѓу навивачите на домашниот тим. Ваврек за шпанскиот весник „Марка“ раскажувал дека проблемите започнале уште на влезот, каде што обезбедувањето не им дозволило да влезат додека носеле дресови на Реал Мадрид, сугерирајќи им наместо тоа да ги фрлат во ѓубре. Таткото и синот одбиле па ги скриле дресовите, но ги облекле штом стигнале до своите места, околу 20 минути пред почетокот на натпреварот.

Ваврек вели дека ги носеле дресовите околу еден час пред да реагира обезбедувањето, и ги отфрла тврдењата дека намерно ги истакнале по голот за да ги провоцираат домашните навивачи. Кога Мбапе постигнал гол во 40-тата минута, тие станале, се прегрнале и прославиле, по што им пришле десетина припадници на обезбедувањето и ги отстраниле од трибината.

„Не направивме никаков чин на насилство, никого не заплашивме, ниту пак поттикнавме насилство. Едноставно го прославивме голот така што станавме и се прегрнавме“, изјави Ваврек за „Марка“. Тој додаде дека други гледачи ги навредувале и им свиркале додека излегувале, но дека тие не возвратиле на ист начин.

Според него, првично им било кажано дека можат да се вратат на своите места доколку ги соблечат дресовите, но таа можност била отфрлена откако обезбедувањето разговарало со своите претпоставени.

„Ни рекоа дека премногу навивачи на Барселона веќе нè препознале и дека не можат да ја гарантираат нашата безбедност. Се плашеа дека би можеле да бидеме нападнати ако се вратиме на истите места“, рече тој.

По напуштањето на стадионот, интервенираше и полицијата, проверувајќи им ги документите и составувајќи записници. Според Ваврек, во нив се наведува дека тие носеле дресови и ги провоцирале навивачите на Барселона, а нивното однесување е опишано како насилно или како поттикнување насилство. Тој го отфрла ова и бара да се прегледаат снимките и да се сослушаат сведоци, а побарал и враќање на парите.

„Не сакам да поттикнувам омраза меѓу навивачите на Реал и Барселона. Не барам бесплатни билети ниту посебен третман. Пред патувањето, му ветив на Денис дека никогаш нема да го заборави своето прво ’Ел Класико‘. Го одржав ветувањето. Ниту еден од нас нема да го заборави тој ден. За жал, не од причините што ги замислував како татко“, заклучи навивачот на Реал Мадрид.