АТАМАН СО ЕДНА ГЕСТИКУЛАЦИЈА СИ НАНЕСЕ ПРОБЛЕМИ ВО ТУРСКАТА СЕЛЕКЦИЈА
Објавено на: 25.09.2024
Ергин Атаман со една гестикулација нанесе штета на турската кошаркарска репрезентација откако ја разгневи управата на кошаркарскиот клуб Фенербахче.
Селекторот на Турција и предводник на европскиот првак Панатинаикос, вчера со рацете го покажа резултатот од 3-1 од фудбалското дерби меѓу Галатасарај и Фенербахче, за време на пријателската средба меѓу Галата и ПАО.
Атаман е познат навивач на Галатасарај, па сакаше да им удоволи на навивачите на овој клуб, меѓутоа го навлече гневот од другата страна на Истанбул, по што управата на Фенербахче соопшти дека нема да ги пушта своите турски кошаркари да играат за националниот состав додека Атаман е селектор.
Кошаркарскиот стратег дури и јавно се извини, меѓутоа извинувањето е залудно и задоцнето. Ќе се види во следниот репрезентативен прозорец дали играчите на Фенер како Тарик Биберовиќ, Мелих Махмутогли и Сертач Санли воопшто ќе одговорат на повикот на Атаман.