Фудбал

ЕВЕРТОН ПРЕТРПЕ НОВО ОДЗЕМАЊЕ БОДОВИ

На Евертон му се одземени уште два бода поради кршење на правилата околу профит и финансиско одржување на клубот. Веќе вторпат сезонава Карамелите трпат одземање на бодови поради нерегуларни финансии, со што тимот кој го води Шон Дајч падна за едно место на табелата во Премиер лигата.

На 17 ноември минатата година, на Евертон му беа одземени 10 бода, за на 26 февруари казната да се намали на шест бода, по што на клубот од Мерсисајд му беа вратени четири бода.

Овојпат, со два бода помалку Евертон ќе влезе во последните шест кола, на позицијата 16 на табелата со 27 бода, само два бода над зоната за испаѓање. Клубот кој никогаш нема испаднато од елитниот ранг на англискиот фудбал, ќе води тешка битка да опстане.

Инаку како што е познато, освен на Евертон, и на Нотингем форест му беа одземени четири бода за кршење на правилата на финансискиот ферплеј.