ВО МАДРИД ПОСЕБНИ МЕРКИ ПОРАДИ ЗАКАНА ОД ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД
Објавено на: 09.04.2024
Вечерва стартува четвртфиналната рунда во Лигата на шампионите, во Мадрид ќе се сретнат најтрофејниот Реал против актуелниот европски шампион Манчестер сити, додека вториот дуел во Лондон е меѓу Арсенал и Баерн Минхен.
Токму во шпанската престолнина се очекува да се одигра маестрален натпревар полн со возбудувања креирани од светските фудбалски ѕвезди, меѓутоа обезбедувањето на „Сантијаго Бернабеу“ ќе биде засилено.
Во пресрет на овој дуел, на интернет кружат наводни закани од терористички напад, а меѓу метите е токму стадионот на Кралевите. Објавените закани се наменети за стадионите низ Европа каде се играат овие натпревари, со порака „Убијте ги сите“ напишана покрај имињата на стадионите.
Поради тоа, Шпанија воведе четврти степен на безбедносни мерки, со цел да се спречи било каков напад кој би можел да направи штета врз 80-те илјади гледачи кои се очекуваат, како и тимовите. Шпанците инаку имаат пет степени на прекумерна безбедност, моментално активен е четвртиот.