Фудбал

ЕКСКЛУЗИВНО ЗА КОПАЧКА: Уживам во фудбалот и во животот, во овие незаборавни моменти

Детето на Вардар, кое преку Работнички замина за Црвена звезда, чиј тогашен трансфер беше еден од најголемите во нашата фудбалска историја, чија кариера е исполнета со успеси на врвно ниво, играчот кој е безрезервно ценет од сите средини во кои играше, се скраси на Кипар и полека влегува во сениорските години.

Оние што го познаваат, ќе се согласат дека од мали нозе се гледаше потенцијалот со кој располага, уште додека трчкаше по терените во Градски парк. Беспоштедно ги бранеше боите на сите екипи за кои настапуваше и тоа се неговите најголеми вредности – скромноста, верноста и посветеноста.

Иван Тричковски (182, 34) зад себе има пребогата кариера – со Македонија се пласира на ЕП, беше дел од Лигата на шампионите и од Лига Европа, освои многу пехари во тимовите во кои играше. Вели, го нашол мирот во еден клуб, на третиот најголем медитерански остров.

  • Долги години си на едно место, како издржуваш „изолиран“ од светот со адреналинот кој клокоти во професионалните спортисти?

Долго време сум на Кипар, играм во редовите на екипата на АЕК скоро 6 години. Можам да констатирам дека на Кипар уживам и во фудбалот и во животот. Тој начин на живот и тоа место најмногу ни одговараат и не е случајно што толку долго се задржавме таму, јас и моето семејство.

  • Имаш голем стаж во клубот. Ја носиш капитенската лента. Како те прифаќаат луѓето таму, особено навивачите, со оглед на тоа дека си странец?

Тоа е една посебна приказна во мојата кариера. Со навивачите изградивме навистина еден специјален однос. Трета сезона сум капитен на екипата и искрено може да кажам дека публиката ме прифати како еден од нив. Тоа има огромно значење во кариерата и во психологијата на еден фудбалер, јас лично сум многу горд на тој момент.

  • Македонија се пласира на ЕП, ти беше нераскинлива алка на овој успех, кој се градеше со години. Во моментов, го живееш сонот на многу генерации. Нам, однадвор, не ни е многу јасно што се случува во фудбалската реалност. Што можеш да и порачаш на македонската јавност?

Со пласманот на ЕП, македонската фудбалска репрезентација испиша една нова страница во историјата на македонскиот фудбал и во историјата на нашиот спорт, воопшто. Во пораката за македонската јавност, би бил краток и јасен – едноставно, во вакви моменти треба секој од нас да ужива, затоа што ова е толку специјален момент, момент за кој ќе се зборува многу години, момент за кој многу генерации ќе зборуваат.

Успехот е веќе направен, се пласиравме на едно континентално натпреварување. Повеќе од уживањето, се што би се случило отсега па натаму, ќе биде само уште еден плус на веќе оствареното. Сите ние заедно, особено играчите, посакуваме позитивен резултат во групата и ако може да изненадиме, да се пласираме во втората фаза. Сето тоа ќе биде бонус, на овој историски успех.

  • Ги помина сите старосни селекции на нашата земја, па од оваа перспектива, со оглед на тоа дека во репрезентацијата има нов бран млади играчи, како ќе ја оцениш генерацијата што доаѓа?

За младите играчи во А селекцијата, кои веќе и не би ги нарекол млади, затоа што се преискусни и играат во Топ 5 лигите во Европа, не треба да се трошат зборови. Клубовите во кои настапуваат, резултатите што ги имаат, игрите што ги покажуваат, доволно кажуваат за нивниот потенцијал, за квалитет што го имаат, за желбата што ја покажуваат и за мотивација што ги краси. Не е случајно што сме на ова ЕП, но јас лично, мислам дека секој еден од нив, има уште посветла и поголема иднина и сигурен сум дека ќе успеат да постигнат уште позабележителни резултати.

  • Колку на овој успех, влијае фактот што скоро половина селекција играше долго време заедно и се пласира на младинското европско првенство, против силни противници во квалификациите?

Сигурно дека е голем фактор тоа што младата селекција имаше едно вакво, слично искуство. Нивната мотивација, нивната младост и искуство, измиксани со нашето искуство, на повозрасните, е добитната комбинација.

  • Твојот трансфер во Црвена звезда (јануари 2008), на времето беше оценет како голем чекор за еден млад фудбалер од Македонија. Играше на големата сцена со повеќе екипи (ЛШ, ЛЕ), какво е чувството да си дел од европскиот крем?

На клупско ниво, најголем предизвик во кариерата на еден играч е да се настапува во ЛШ и во ЛЕ. Горд сум на моите натпревари и благодарен сум што бев дел од такви клубови, кои ми овозможија да го почувствувам тоа за кое сонува секој еден играч на овој свет. Би посакал секој фудбалер да го искуси истото специјално чувство, да биде дел од најелитните натпреварувања.

  • Која сезона е најуспешна во твојата кариера? Сите голови ти се драги, имаш ли некој посебен?

Искрено, не би знаел кој е најуспешна сезона во мојата кариера, а истото важи и за головите, не би можел да кажам кој ми е најдраг. Сите моменти од кариерата имаат посебно значење, нема да биде фер да издвојам одреден момент или гол. Некогаш имаш добра сезона на индивидуален план, но клубот нема резултат каков што се очекувал. Понекогаш е спротивно, тимот игра одлично, а ти немаш сезона каква си очекувал. Не би издвоил ништо од оствареното, затоа што титулите, Куповите, настапите во ЛШ и ЛЕ, головите, се си има своја тежина.

  • Долго време играш на високо ниво, кои ти се плановите по завршувањето на ЕП?

Посебни планови, во моентов немам. Би требало да ги имам, но сега сум сконцентриран на настапот на европското првенство со Македонија. Сега уживам во овие моменти, сите заедно ги одработивме подготовките на високо ниво и го чекаме настапот на континенталниот собир. Нека помине и заврши се како што треба, па потоа ќе решиме кој, што и како понатаму. Има време за се…

Фотографии: Facebook