ДЕ БРУЈНЕ УДРИ ПО НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ: ОВА Е НЕПРИФАТЛИВО!
Објавено на: 10.09.2024
Кевин Де Брујне, капитенот на белгиската фудбалска репрезентација, беше крајно незадоволен од своите соиграчи по поразот од 2-0 од Франција на гостувањето во Лион.
Sвездата на Манчестер сити е незадоволен од залагањето на останатите репрезентативци, но и формацијата и тактиката која ја спроведува селекторот Доменико Тедеско.
„Нема што да се објаснувам, им кажав што мислам на соиграчите уште на полувреме во соблекувалната. Секако Франција е подобра од нас, но неприфатливо е нашето однесување на теренот. Играме со шест одбранбени играчи и очигледно е дека нема конекција меѓу нас. Не можеме да се поврземе да одиграме нешто конкретно. Јасно ми е дека не е истата генерација на играчи од пред неколку години, но мора, едноставно мора некои фудбалери да дадат повеќе од себе“, посочи Де Брујне по поразот.
За Белгијците заврши репрезентативната пауза, следен натпревар им е на 10 октомври на тешко гостување кај Италија, каде ќе се обидат да дојдат до позитивен резултат за да останат во битка за пласман во нокаут фазата од Лигата на Нации.