Фудбал

И ЛЕГЕНДАТА НА ЈУНАЈТЕД ЌЕ БИДЕ ДЕЛ ОД НОВОТО ВЛАСНИШТВО?

Дејвид Бекам, легендата на Манчестер јунајтед и англискиот фудбал, доби понуда да биде дел од конзорциумот од Соединетите Арапски Емирати кој планира да ги откупи акциите на семејството Глејзер и да го преземе мнозинското власнишство на гигантот од „Олд трафорд“.

Глејзери се во исчекување на понуда до 5 милијарди фунти за да се откажат од нешто повеќе од 70% од акциите кои ги поседуваат, додека 29% од акциите ги поседува групацијата „ИНЕОС“ под водство на сер Џим Ратликф. Токму за поголемиот дел од акциите, богаташите од Емирати веќе подолг период се обидуваат да состават тим од инвеститори, па вклучувањето на Бекам во конзорциумот го гледаат како брз и ефикасен начин за новото потенцијално власништво да ги добие симпатиите на навивачите и поддршката во нивната идеја за проектот.

И самиот Бекам пред околу две години изјави дека би сакал да го види семејството Глејзер на излезна врата, бидејќи клубот веќе една деценија тоне на спортски план и е далеку од своите шампионски амбиции. Покрај тоа што Бекам веќе има удел во Интер Мајами и англискиот нисколигаш Салфорд, голема е веројатноста да ја прифати оваа понуда, а по него, да се вклучат и други клупски легенди како Вејн Руни и Ерик Кантона.