Фудбал

ТРАНСФЕР ЏЕКПОТ: ОВИЕ ГОЛЕМИ ИМИЊА СЕ ДОСТАПНИ БЕСПЛАТНО

Со завршувањето на сезоната 2025/26, европските клубови веќе почнаа да ги планираат своите летни трансфери, а посебно внимание привлекува листата на звучни имиња кои наскоро ќе можат да бидат ангажирани без обештетување.

Секое лето слободните агенти претставуваат одлична можност за клубовите да доведат квалитетни фудбалери без да платат трансфер, а оваа година на пазарот би можеле да се најдат неколку вистински ѕвезди.

Меѓу позвучмните, ги издвојуваме:

ДУШАН ВЛАХОВИЌ

Пред само неколку години важеше за еден од најпосакуваните напаѓачи во Европа, а Арсенал беше подготвен да направи сè за да го доведе во своите редови. Наместо во Лондон, Србинот заврши во Јувентус во трансфер вреден 67 милиони фунти. Сега ситуацијата е сосема поинаква, договорот му истекува на крајот од месецот, а италијанскиот клуб не успева да се договори со него за продолжување на соработката. Тоа значи дека 26-годишниот голгетер би можел бесплатно да ја промени средината, а интерес за него покажуваат Арсенал, Баерн Минхен, Барселона и Атлетико Мадрид.

РОБЕРТ ЛЕВАНДОВСКИ

Полската гол-машина влегува во завршницата од кариерата, но и понатаму е име кое привлекува внимание. На 37 години нема да го продолжи договорот со Барселона и наскоро ќе биде слободен агент. Иако веќе не е во своите најдобри години, неговото искуство и голгетерски инстинкт остануваат огромна вредност. Само пред две сезони постигна 42 голови во 52 натпревари за каталонскиот гигант, а меѓу заинтересираните клубови се споменува и Манчестер Јунајтед.

ЈУЛИЈАН БРАНТ

Борусија Дортмунд повторно се соочува со заминување на една од своите ѕвезди без обештетување. Јулијан Брант по седум години во клубот решил да побара нов предизвик. Германскиот офанзивен играч за врска беше важен дел од тимот во последните сезони, а особено се памети неговата асистенција против ПСЖ што го одведе Дортмунд во финалето на Лигата на шампионите. Иако има интерес од Англија, најреална опција во моментов изгледа Серија А.

ЛЕОН ГОРЕЦКА

Уште едно големо германско име ќе биде достапно без обештетување ова лето. Горецка ги освои речиси сите можни трофеи со Баерн Минхен откако пристигна во клубот во 2018 година, но неговата авантура во Баварија е пред крај. Играчот за врска наводно сонува за настап во Премиер лигата, а Арсенал е меѓу клубовите што внимателно ја следат ситуацијата. Сепак, сериозен интерес покажуваат и неколку италијански екипи.

ЛУКА МОДРИЌ

И на 40 години останува еден од најценетите играчи за врска во светот. Хрватот има можност автоматски да го продолжи договорот со Милан на уште една сезона, но сè уште не ја активирал таа клаузула. Поради тоа се погласни се шпекулациите дека ќе го напушти „Сан Сиро“. Враќање во Премиер лигата изгледа малку веројатно, но не се исклучува спектакуларно враќање во Реал Мадрид или емотивно враќање во Динамо Загреб.

ДАВИД АЛАБА

Австрискиот дефанзивец наскоро ќе стави крај на својата приказна со Реал Мадрид. Иако повредите сериозно го забавија во последните години, Алаба и натаму има репутација на еден од најквалитетните стопери на својата генерација. На 33 години останува атрактивна опција за многу клубови, а Манчестер Јунајтед е меѓу заинтересираните.

ПАУЛО ДИБАЛА

Аргентинскиот мајстор сè уште нема договорено продолжување на соработката со Рома и би можел да стане едно од најголемите имиња на листата на слободни агенти. Во најдобрите денови во Јувентус важеше за еден од најкреативните и најопасни напаѓачи во Европа. Долго време има желба да заигра во Премиер лигата, а во минатото беше многу блиску до трансфер во Манчестер Јунајтед и Тотенхем. Можно е токму ова лето конечно да ја оствари таа желба.