БАРСА ВО ВОЈНА СО ЛА ЛИГА ПОРАДИ ОЛМО, СЛЕДУВА НОВА ЖАЛБА
Објавено на: 27.12.2024
Судот во Барселона ја отфрли жалбата на клубот против Ла Лига околу случајот со Дани Олмо. Каталонците мора да го регистрираат шпанскиот репрезентативец до крајот на 2024 година, односно имаат рок до 31 декември, но финансиската состојба не го дозволува тоа.
Од таборот на Барса се жалеа дека управата на првенството го спречува Олмо да ја извшува работната функција според договорот, но пресметките велат дека клубот мора да обезбеди уште 60 милиони евра приход за да може да го регистира својот фудбалер, а при тоа да не ги прекрши правилата на финансискиот фер-плеј.
Олмо и Пау Виктор за првиот дел од сезоната беа регистрирани како дополнителни играчи, но враќањата на Кристенсен и Араухо од повредите сега не дозволуваат Барса на ист начин да ги регистрира играчите кои пристигнаа во клубот во текот на летниот преоден рок.
Од Барселона најавија нова жалба против Ла Лига, додека постои опција да останат без Олмо, со оглед на тоа дека во неговиот договор има клаузула која му дозволува да го напушти клубот без отштета уште во јануари.