Фудбал

ЈАМАЛ: ЕДЕН ДЕН ЌЕ ЈА ОСВОЈАМ „ЗЛАТНАТА ТОПКА“

Ламин Јамал не успеа да стигне до „Златната топка“, но по церемонијата во Лондон покажа дека поинаквиот исход од очекуваниот нема да го поколеба во амбициите. Младата ѕвезда на Барселона е убедена дека со трпение и напорна работа може да стигне до најголемото индивидуално признание во фудбалот.

Шпанскиот репрезентативец заврши на третата позиција во изборот за најдобар фудбалер во светот за 2026 година. Пред него се најдоа Хари Кејн, кој го освои признанието, и Килијан Мбапе, кој заврши како второпласиран.

Иако важеше за еден од сериозните кандидати за трофејот, Јамал ќе мора да ја продолжи трката за признанието кое сè уште му недостига во неговата кариера. Сепак, наместо да се задржи на разочарувањето, 19-годишниот офанзивец испрати порака со која најави дека нема да се откаже од својата цел.

„Ќе дојде. За добрите работи е потребно време. Верувам во патот по кој одам. Без брзање, со возбуда и спокојство, бидејќи сум сигурен дека еден ден ќе дојде и мојот момент“, порача Јамал.

Фудбалерот на Барселона им честиташе на добитниците, но веднаш потоа јасно стави до знаење каде ќе биде неговиот фокус во периодот што следува. За него, најважно е каталонскиот гигант повторно да бележи победи и да се бори за трофеи.

„Честитки за победниците. Мојот фокус повторно е на она што е важно. Барселона повторно да победува“, истакна младиот Шпанец.

Јамал остави силен впечаток и при примањето на наградата за најдобар млад фудбалер. Наместо да зборува само за сопствениот успех, тој го спомена и својот соиграч Пау Кубарси, за кого смета дека исто така заслужил да биде меѓу наградените.

„Би сакал нашиот соиграч Пау Кубарси да беше тука, бидејќи мислам дека оваа награда требаше да му припадне нему. Тој ја заслужи. Игра на извонредно ниво и би сакал вечерва тој да победеше“, рече Јамал.

Иако оваа година не ја освои најпосакуваната индивидуална награда, пораката на младата ѕвезда е недвосмислена: нема да брза, но нема ниту да се откаже. Во меѓувреме, неговата главна задача останува да ѝ помогне на Барселона да се врати на победничките патеки.