САМО ОД ПРОДАЖБА НА БИЛЕТИ ЗА ЕЛ КЛАСИКО, БАРСЕЛОНА ЗАРАБОТИ НАД 19 МИЛИОНИ ЕВРА
Објавено на: 26.10.2026
Барселона го загуби „Ел Класико“ со 1:2, но оствари рекорден приход од продажба на билети за натпреварот против Реал Мадрид, неверојатни 19.105.768 евра. Оваа сума го надминува претходниот рекорд од 16,4 милиони евра, поставен во мај.
Според шпанскиот весник „Мундо Депортиво“, на натпреварот присуствувале 60.055 гледачи, додека претходниот дуел одигран во мај, во живо го следеле 62.213 луѓе.
Високите цени на билетите и зголемениот број на ВИП-места се главните причини за поголемиот приход. Просечната цена на еден билет изнесувала 984 евра (без даноци) – што претставува зголемување од 10% во споредба со минатата сезона – додека просечната цена за ВИП-местата достигнала 2.727 евра.
Во извештајот се наведува дека овој приход создава основа за уште подобри финансиски резултати откако стадионот ќе биде целосно завршен, а неговиот капацитет ќе се прошири на 104.600 места (вклучувајќи 9.500 ВИП-места, што е зголемување од сегашните околу 5.000).
Според податоците на клубот, 86% од стандардниот капацитет на стадионот за време на неделниот „Ел Класико“ бил пополнет од сопственици на сезонски билети (приближно 42.000 луѓе) и членови на клубот, кои купиле околу 10.000 билети во текот на 21-дневниот период на претпродажба – пред билетите да бидат пуштени во слободна продажба за пошироката јавност.