НА НАДАЛ НЕМА ДА МУ СЕ ДОПАЃА: ДУЕЛОТ СО ЃОКОВИЌ ЌЕ СЕ ИГРА ВО ВЕЧЕРНИОТ ТЕРМИН
Објавено на: 30.05.2022
Можеби најспектакуларниот натпревар на Ролан Гарос ќе се одигра во четврт финалето, откако по вчерашните победи и Надал и Ѓоковиќ обезбедија место меѓу најдобрите 8.
Натпреварот е утре на програмата и несомнено дека ќе биде најгледан натпревар на турнирот, со оглед на тоа што овие двајца лути ривали за прв пат ќе се соочат оваа година. Натпреварот ќе се игра на Филип Шатрие, но организаторите потврдија дека истиот нема да биде порано од 20:45 часот што значи дека ќе се одигра под рефлектори.
За ваквиот термин, Рафа Надал претходно се има изјаснето дека не му е најомилен термин, поради пониските температури и поголемата влага на подлогата.
Не сакам да играм навечер на земја, тоа е многу јасно и евидентно. Влагата е поголема и отскокот на топчето е различно. Условите се многу понезгодни отколку преку ден и тешко е да се игра особено ако температурата е пониска. Тоа значително влијае на мојата игра.
Ѓоковиќ во 1/8 финалето славеше против Шварцман со 3:0 во сетови, додека Надал имаше тешка задача, мачејќи се во 5 сета и 4 часа игра против Алјасим.