Фудбал

ЈА РАЗРЕШИВМЕ ДИЛЕМАТА, НО СПОРНО Е ПРАВИЛОТО?

Најспорниот момент во финалето на Лигата на шампионите меѓу Реал Мадрид и Ливерпул, беше голот што го постигна Карим Бензема на истекот на првото полувреме, кој беше поништен од ВАР.

Поради бурната полемика во јавноста, Златна копачка побара експертиза од еминентни фудбалски судии, кои беа едногласни во анализата на ситуацијата при постигнувањето на погодокот:

Во оваа ситуација, напаѓачот, конкретно Карим Бензема, нема сомнеж дека се наоѓа во офсајд позиција.

Меѓутоа, прашањето што се поставува е карамболот што се случува, пред топката да стигне до Бензема – дали тој карамбол ќе се окарактеризира како одбиена, или како додадена топка од одбранбениот играч, која предходно е удрена од напаѓач.

Најверојатно, според нашето мислење, ВАР судиите останаа на истиот став како и судискиот тим кој ја донесе таа одлука на терен. Карамболот се сметаше како одбиена топка само од одбранбениот играч и во тој случај мора да биде досуден офсајд!

Според ставот на поранешни фудбалери од Премиерлигата (читај Џон Тери), став прочитан на Твитер платформата, се поставува друго прашање – кој одбранбен играч намерно во својот шеснаесетник би додал топка до противнички напаѓач (додаваме со насмевка – освен ако не „играл“ ливче на гол во своја мрежа)?

Реал Мадрид победи со 0:1 со голот на Винициус, во 59-та минута и ја освои 14-та титула во историјата, што е апсолутен и уште најмалку 100 години недостижен рекорд.