Фудбал

КОЈ СЕ ГО ОДБЕЛЕЖА ФИНАЛЕТО ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ?

Ви доловуваме неколку моменти, кои засекогаш ќе останат поврзани со последниот меч во елитната сезона 2021/22:

Карло Анчелоти – тренер рекордер со 4 титули (по 2 со Милан, 2003 и 2007 и со Реал 2014 и 2022) и рекордер со 5 финалиња (пораз со Милан од Ливерпул 2005).

Тибо Куртоа – рекордни 9 одбрани во финалето, 52 во сезоната.

Винициус – еден шут, еден гол, потег вреден титула.

Карим Бензема – 46 натпревари, 44 гола, 14 асистенции, (неправедно?) поништен гол поради офсајд кој можеше да биде ново историско достигнување на Французинот.

Лука Модриќ и Тони Крос – одиграа маестрално финале, имаат 5 титули, конкурираат (моментално на првото место) за најдоброто дуо од средниот ред во историјата на клупскиот фудбал, ако се бројат битните трофеи.

Еден Азар и Лука Јовиќ – освоија титула без да ја пипнат топката сезонава.

Марсело и Герет Бејл – првиот го крена пехарот, вториот е кисел цела сезона и не се појавува на прославите на клубот по освоените трофеи, двајцата заминуваат со пехар, но во тишина, откако му ја дадоа душата на мадридскиот клуб.

Јурген Клоп – резервира хотел во Истанбул, каде ќе се игра следното финале во ЛШ. Планира да биде во ложата?

Мохамед Салах – има уште еден меч во колекцијата загубени финалиња, за кои треба да му се одмаздува на Реал, за 2018 и за 2022.

Ливерпул не знaе да погоди во финале – 330 минути сезонава, нула голови, во ФА и Лига Купот триумфира на пенали.

Двете екипи „ретко“ губат финалиња – Реал има 3 порази од 17 меча, Ливерпул има 4 порази во 10 финални меча.

Килијан Мбапе – Даде збор па го погази, не доаѓа во Реал туку останува во ПСЖ, губитник на сезоната или на деценијата? Или ќе го докаже спротивното?

УЕФА потфрли – организацијата на финалето беше катастрофална, прво во ЛШ кое беше поместено и отстапи од првичниот термин, доцнеше поради хаос на улиците и пред стадионот, полицијата прскаше фанови со солзавец.

Ви доаѓа ли друг податок на памет? Споделете го со нас…