СВИТОЛИНА ПРЕКУ ТЕЛЕФОН МУ СООПШТИЛА НА МОНФИС ДЕКА БАРА РАЗВОД
Објавено на: 25.10.2026
Одлуката на украинската тенисерка Елина Свитолина да се раздели од сопругот, францускиот тенисер Гаел Монфис, со денови е една од главните теми во тенискиот свет.
Веста за ненадејниот крај на нивниот брак ги изненади љубителите на тенисот, особено затоа што двојката има мала ќерка. Свитолина објави соопштение во кое истакна дека сака самостојно да продолжи низ животот.
Според наводите, Свитолина телефонски му соопштила на сопругот дека сака да се разделат. Тоа ги шокираше нивните обожаватели, од кои дел упатија остри критики кон украинската тенисерка.
Монфис потоа го откажа учеството на турнирите во Лион и Париз, со што практично предвреме ја заврши својата кариера на АТП-турнирите.
Токму поради негативните реакции кон Свитолина, францускиот тенисер реши јавно да проговори и да ја заштити својата сопруга.
„Со години со голема радост ја споделувавме нашата приказна и нашето семејство со сите вас. Исто така, секогаш зборувавме и за предизвиците со кои се соочувавме како поединци. Во мојот случај, тоа беа серија повреди и сомнеж во себе. Кај Елина, тоа беа разорувањето и страдањето што ја уништија нејзината земја. Сега се разделуваме. И, како и досега, одлучивме заедно да ја споделиме и оваа животна борба со сите вас“, напиша Монфис на социјалните мрежи.
Французинот призна дека прекинувањето на една врска никогаш не е лесно, особено кога станува збор за семејство и дете.
„Како што знае секој што поминал низ крај на врска, не е лесно да се зборува за тоа. Разделбата е како минско поле исполнето со сложени и тешки емоции. Елина и јас даваме сè од себе за да се справиме со ситуацијата, со голема почит и љубов што сè уште ја чувствуваме и секогаш ќе ја чувствуваме еден кон друг“, порача тенисерот.
Тој застана во одбрана на Свитолина и посочи дека таа нема обврска пред јавноста да ги објаснува причините за својата одлука.
„Иако никому не му должеше објаснување, Елина одлучи искрено и отворено да зборува за причините за оваа одлука, без да ја крие својата ранливост. Тоа го направи на најдобар начин на кој знаеше. Многумина сметаа дека нејзиното објаснување не било доволно совршено, па се соочи со критики кои, во најдобар случај, беа невнимателни, а во најлошиот – отровни“, истакна Монфис.
И покрај разделбата, Монфис нагласи дека двајцата засекогаш ќе останат семејство, пред сè поради нивната ќерка Скај.
„Елина и јас можеби повеќе не сме пар, но сè уште сме семејство. Иако срцето ми е скршено, засекогаш ќе ѝ бидам благодарен за поддршката и љубовта што ми ги даваше сите овие години. Кога бев подготвен да се откажам од тенисот, таа ми ја даде потребната сила да продолжам. Таа стои зад некои од најголемите победи во мојот живот, а нашата ќерка Скај е најголемата од сите“, напиша Французинот.
Тој призна дека му значи интересот на јавноста за неговата среќа, но истовремено го вознемирило тоа што кон Свитолина не биле покажани поголемо разбирање и почит.
„Дури и ако некои луѓе не ги разбираат нејзините причини или не се согласуваат со нив, ве молам имајте предвид дека во една врска зад затворени врати се случуваат многу работи што не можат да се објаснат со една објава. Таа ги води своите битки, исто како што и јас ги водам моите. Ги почитувам нејзините избори и причините за нив. Ќе продолжиме да се поддржуваме и да се грижиме еден за друг, особено затоа што имаме заедничко дете“, порача Монфис.
На крајот, тој упати апел до јавноста да ги остави на мир во овој тежок период.
„Додека влегуваме во ова ново поглавје, би ги замолил сите да имаат предвид дека, пред сè, сме луѓе. Не Гаел Монфис и Елина Свитолина, туку едноставно Гаел и Елина. Несовршени луѓе кои даваат сè од себе“, заклучи францускиот тенисер.
Иако неговата кариера на АТП-турнирите е завршена, љубителите на тенисот ќе имаат уште една можност да го видат Монфис на теренот пред крајот на 2026 година.
Францускиот тенисер во декември ќе учествува на прошталниот меч на Стен Вавринка во Швајцарија. На настанот се најавени и Енди Мареј и Роџер Федерер.