КОМПАНИ ЗАВРШИЛ ВО БОЛНИЦА И НЕКОЛКУ ДЕНА ПРЕД КОЛАБИРАЊЕТО
Објавено на: 25.10.2026
Здравствената состојба на тренерот на Баерн Минхен, Винсент Компани (40), предизвика загриженост во фудбалскиот свет, откако во петокот попладне заврши во болница. Поранешниот фудбалер колабираше за време на тренинг, по што итно бил пренесен на лекарска помош.
Тренерот на баварскиот гигант минатата недела прележал вирусна инфекција и неколку дена отсуствувал од тимот, но потоа неговата здравствена состојба повторно се влоши. Сепак, минатата среда беше покрај теренот и го предводеше Баерн на дуелот со Арсенал во Лигата на шампионите. Познато е дека поради природата на тренерската професија, Компани се соочува со хроничен замор.
Германските медиуми во меѓувреме открија важен детаљ што му претходел на колапсот. Имено, Компани завршил во болница и неколку дена пред европскиот дуел, каде што ја поминал ноќта.
По лекарските прегледи и уредните наоди, одлучил да биде со екипата за натпреварот во најелитното европско клупско натпреварување. Кон крајот на неделата одржал тренинг со сениорскиот тим, а потоа останал да го следи и младинскиот тим, кога повторно му се влошила состојбата.
За здравствената состојба на тренерот се огласи и спортскиот директор на Баерн, Макс Еберл, кој на прес-конференција потврди дека Компани ќе биде надвор од терените неколку недели.
„Најпрво мораме да утврдиме што точно се случило и како дошло до тоа. Дури потоа ќе можеме мирно да разгледаме колку време ќе му биде потребно за закрепнување. Затоа засега не одредуваме конкретен рок. Не станува збор за денови, туку за недели. Тоа мора да им биде јасно на сите“, изјави Еберл.