Фудбал

ПО НЕКОЛКУТЕ КОРПИ, БАРСЕЛОНА КУПИ НАПАЃАЧ ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА

По неколку недели преговори и неизвесност околу Хулијан Алварез, Лаутаро Мартинез и Виктор Осимен, Барселона конечно обезбеди нов напаѓач.

Според информациите на Фабрицио Романо, Барселона постигнала договор со Арсенал за трансфер на 29-годишниот бразилски напаѓач, Габриел Жесус.

Каталонците во последните денови прифатиле дека трансферот на Алварез од Атлетико Мадрид нема да може да се реализира ова лето, по што спортскиот директор Деко брзо се насочил кон алтернативно решение.

Бразилецот веќе подолго време не е прва опција во нападот на Арсенал и се наоѓа зад другите напаѓачи во изборот на лондонскиот клуб, поради што добил дозвола да замине.

Според Романо, Барселона ќе плати 10 милиони евра плус дополнителни бонуси, а Жесус во следните 24 часа треба да пристигне во Барселона за да го комплетира трансферот.

Станува збор за перманентен трансфер, а Бразилецот треба да биде дополнителна опција во нападот за сезоната 2026/27.

Жесус најверојатно нема веднаш да има загарантирано место во стартниот состав, туку треба да му овозможи на Ханси Флик поголема ротација и повеќе решенија во офанзивата.

Од финансиски аспект, сумата од 10 милиони евра претставува релативно мал ризик за Барселона, особено за фудбалер со долгогодишно искуство во Премиер лигата и на највисоко европско ниво.

Сепак, трансферот сигурно нема да биде она што дел од навивачите го очекуваа. Алварез цело лето беше големата желба на Каталонците, но откако Атлетико ја затвори вратата за негово заминување, Барселона мораше да го активира резервниот план.

Доколку нема пресврт, Габриел Жесус ќе биде новиот напаѓач на Барселона, а трансферот треба официјално да биде комплетиран во следните денови.