Ракомет

НОВ ТАКТИЧКИ ТРЕНД ВО РАКОМЕТОТ: АКЦИИ БЕЗ ПИВОТ

Ракометот постојано тактички се развива, а во германската Бундеслига сè почесто може да се забележи интересен тренд кој ја менува класичната поставеност во нападот.

Наместо два крила, тројца надворешни играчи и пивот, дел од екипите во одредени периоди го повлекуваат пивотот и на негово место внесуваат четврти надворешен играч.

Она што до неодамна изгледаше како повремен експеримент, полека станува сериозна тактичка опција.

Штутгарт минатата сезона во повеќе наврати играше со четворица надворешни играчи и без класичен пивот. Токму ваквата поставеност беше посочена и од Кил по поразот од Штутгарт со 32:27 во март.

Од Кил тогаш потенцираа дека противникот во второто полувреме со четворица надворешни играчи, многу дуели еден на еден и игра без пивот успеал да создаде сериозни проблеми за нивната одбрана. Сличен концепт минатата сезона користеше и Лемго.

Колку оваа тактика станува препознатлива покажува и фактот што Кил пред меѓусебниот натпревар посебно се подготвувал за играта на Лемго без пивот и со четворица надворешни играчи.

Лемго со ваквата поставеност често ги продолжувал нападите до сигналот за пасивна игра, а потоа преку индивидуалниот квалитет на надворешните играчи барал простор за пробив низ противничката одбрана.

Сега, сепак, истото го направи и Кил.

Во првото коло од новата сезона во Бундеслигата, Кил го совлада Лемго со 35:27, а новиот тренер Борге Лунд во завршницата посегна токму по оваа тактичка варијанта.

Последните 12 минути Кил ги одигра во напад со четворица надворешни играчи. Промената даде резултат, а предводен од расположениот словенечки репрезентативец Домен Макуц, Кил успеа да се одвои и да го реши победникот.

Тоа значи дека една од најтрофејните ракометни екипи во светот сега користи систем кој претходно го гледавме кај Штутгарт и Лемго.

И тоа не е сè.

Само неколку недели претходно слична варијанта испробуваше и актуелниот европски шампион Магдебург. Во пријателски натпревар против Лемго, тренерот Бенет Вигерт користеше акции со четворица надворешни играчи и целосно без пивот, а системот создаваше сериозни проблеми за противничката одбрана.

Зошто функционира ваквата тактика?

Идејата не е пивотот целосно да исчезне од модерниот ракомет, туку тренерите да добијат дополнителна опција во нападот.

Со четворица технички квалитетни надворешни играчи се зголемува бројот на ракометари кои можат директно да ја нападнат одбраната, да ги менуваат позициите и да создаваат ситуации еден на еден.

Истовремено, одбраната останува без класичната референтна точка на шест метри и мора целосно да го приспособи начинот на бранење.

Тешко е да се очекува дека класичниот пивот ќе исчезне од ракометот, но примерите на Штутгарт, Лемго, Магдебург и сега Кил покажуваат дека играта со четворица надворешни повеќе не е само експеримент, туку тактичка варијанта која сè почесто ја гледаме на највисоко ниво.