ЛАПОРТА СИ ЈА ОТВОРИ ДУШАТА И РАСКАЖА КАКО ПРЕГОВАРААТ СО АТЛЕТИКО ЗА АЛВАРЕЗ
Објавено на: 26.08.2026
Bарселона и понатаму е во трката за потписот на Хулијан Алварез. Претседателот на каталонскиот клуб, Жоан Лапорта, јавно потврди дека понудата до Атлетико Мадрид останува на маса и дека клубот е подготвен да реагира доколку мадриѓаните одлучат да го продадат аргентинскиот напаѓач.
Лапорта во изјава за клупските медиуми откри детали од разговорите со Атлетико и потврди дека Барселона веќе испратила сериозна понуда.
Тој лично разговарал и со извршниот директор на Атлетико, Мигел Анхел Хил Марин.
Лично му се јавив на Мигел Анхел Хил за да му потврдам дека го сакаме играчот.
Одговорот од Мадрид бил дека Алварез во моментов не е на продажба. Атлетико нема намера да остане без еден од своите најважни фудбалери доколку претходно не пронајде соодветна замена.
Лапорта веднаш имал јасна порака.
Кога ќе имате замена, доколку тоа се случи во овој летен преоден рок, ние сме тука.
По ваквиот одговор, Барселона привремено ги ставила преговорите во мирување. Лапорта му кажал на спортскиот директор Деко да не презема нови чекори додека Атлетико не ја промени својата позиција.
Ситуацијата, сепак, повторно станала интересна откако во Барселона пристигнале информации дека Атлетико разговара со други клубови за потенцијална продажба на Аргентинецот.
Токму затоа Каталонците решиле да не ја повлечат понудата.
Ја задржуваме понудата и би сакале, доколку решат да го продадат, да го продадат на нас, а не на друг клуб.
Барселона засега нема испратено подобрена понуда, но ставот на клубот останува непроменет. Доколку Атлетико ја отвори вратата за трансфер, Каталонците сакаат веднаш да бидат во позиција да го реализираат договорот. Дополнителен оптимизам во Барселона создава и ставот на самиот фудбалер.
Според информациите со кои располага каталонскиот клуб, Алварез сака кариерата да ја продолжи во Барселона.
Се чини дека играчот сака да дојде во Барса. Затоа, со целосна почит кон Атлетико, ја задржуваме нашата желба и намера да го ангажираме.
Претседателот на Барселона потенцираше дека клубот сака целиот трансфер да биде реализиран во коректен однос со Атлетико и дека нема намера да создава дополнителни тензии.
На крајот испрати и јасна порака до мадридскиот клуб.
Би сакале да постигнеме договор со Атлетико. Нашиот предлог и нашата понуда остануваат и се надеваме дека двата клуба ќе постигнат договор.
Така, и покрај досегашното одбивање на Атлетико, приказната околу Хулијан Алварез очигледно сè уште не е завршена. Барселона чека, понудата останува на маса, а клучот сега е во рацете на мадридскиот клуб.