Фудбал

ЖЕШТИНИТЕ ГО УНИШТИЈА ТЕРЕНОТ, ПСЖ МОРА ДА ИГРА НА ГОСТИ

ПСЖ нема да ја започне новата сезона во Лига 1 пред своите навивачи. Екстремните летни температури сериозно го оштетиле тревникот на Паркот на принцовите, поради што францускиот шампион е принуден да го замени домашниот терен со Рен.

ПСЖ требаше во недела да ја започне одбраната на титулата на домашен терен, но по инспекцијата било утврдено дека тревникот не ги исполнува потребните услови за одигрување натпревар.

Француската професионална фудбалска лига го прегледала теренот и заклучила дека неговата состојба претставува проблем, особено од аспект на безбедноста и физичкото здравје на фудбалерите. Поради тоа, наместо во Париз, натпреварот ќе се одигра во Рен, кој ќе биде домаќин во првото коло.

Од ПСЖ соопштија дека ја разбираат непријатноста која промената ја предизвикува кај навивачите, но потенцираа дека станува збор за исклучителна ситуација.

Клубот сега ќе мора целосно да го замени тревникот пред следниот домашен натпревар против Монако, закажан за 4 септември.

Причината за проблемите се поврзува со екстремно топлото лето во Франција. Во текот на јуни земјата беше погодена од историски топлотен бран, а температурите во Париз надминуваа 40 целзиусови степени.

Јуни 2026 година беше најтоплиот јуни откако се вршат мерења во Франција, додека на 24 и 25 јуни биле регистрирани највисоките просечни дневни температури во историјата на земјата.

Топлотниот бран имаше сериозни последици и врз населението. Според проценките на француските здравствени власти, во периодот од 17 јуни до 2 јули биле регистрирани 5.764 смртни случаи повеќе од очекуваното.

ПСЖ не е единствениот европски клуб кој летово се соочи со ваков проблем. Во Шпанија, Селта Виго мораше да го одложи натпреварот против Осасуна откако тревникот беше зафатен од габично заболување, по што клубот исто така одлучи целосно да го замени.