ЗОШТО АНГЛИСКИОТ СУПЕРКУП СЕ ВИКА КОМЈУНИТИ ШИЛД?
Објавено на: 16.08.2026
Арсенал и Манчестер Сити денес ќе се борат за првиот трофеј во новата сезона, Комјунити шилд. Сепак, натпреварувањето кое традиционално го означува почетокот на англиската фудбалска сезона речиси еден век носеше сосема друго име.
Натпреварувањето е основано уште во 1908 година, првенствено со цел преку фудбалот да се собираат средства за добротворни цели. Поради тоа, цели 94 години беше познато како Чарити шилд.
Форматот низ годините се менувал, но во модерната ера традиционално се среќаваат шампионот на Премиер лигата и освојувачот на ФА Купот.
Сепак, во 2002 година Фудбалската асоцијација на Англија била принудена да направи голема промена и натпреварувањето го добило денешното име Комјунити шилд.
Причината не била маркетинг или обид за модернизација, туку проблем поврзан со правилата за добротворни организации.
Британската Комисија за добротворни организации утврдила дека ФА не ги исполнила сите барања предвидени со законот, односно не било доволно јасно наведено колкав дел од собраните средства бил наменет за добротворни цели.
Интересно е што истрагата не покажала дека парите исчезнале или дека добротворните организации биле оштетени. Напротив, било утврдено дека тие го добиле целиот износ што требало да им припадне, односно 35 проценти од приходите од продадените билети.
Сепак, проблемот со начинот на кој биле дефинирани и прикажувани средствата бил доволен за натпреварувањето повеќе да не го носи името Чарити шилд.
Така, од 2002 година започна ерата на Комјунити шилд.
Промената на името не значеше и крај на добротворниот карактер на натпреварот. Дел од приходите и денес се распределуваат за различни добротворни организации и проекти во локалните заедници низ Велика Британија.
Од ФА тогаш порачаа дека целта е добрите каузи и понатаму да добиваат финансиска поддршка од фудбалот преку Комјунити шилд.
Годинава за трофејот ќе се борат Арсенал и Манчестер Сити. Арсенал во натпреварот влегува како актуелен шампион на Премиер лигата, додека Сити своето место го обезбеди со освојувањето на ФА Купот.
Арсенал досега го освоил трофејот 17 пати, додека Манчестер Сити има седум титули.
🏆 Manchester United have won the FA CommunityShield more than any other team 👏 pic.twitter.com/fsWZJaCB5R
— RedDevilStephen (@RedDevilSte2003) August 16, 2026
Иако Комјунити шилд официјално не се вбројува меѓу најголемите англиски трофеи и често се опишува како последен пријателски натпревар пред почетокот на сезоната, дуелот традиционално носи престиж, особено кога од спротивните страни се наоѓаат два директни ривали за титулата.