Тенис

ИВАНИШЕВИЌ: АКО ЖИВОТОТ МИ ЗАВИСИ ОД ЕДЕН МЕЧ, БИ ГО ИЗБРАЛ НАДАЛ, НЕ ЃОКОВИЌ

Горан Иванишевиќ со години беше еден од најблиските луѓе до Новак Ѓоковиќ и со српскиот тенисер освои девет Гренд слем титули. За него нема никаква дилема дека Ѓоковиќ е најголемиот тенисер во историјата, но кога доби едно необично прашање, неговиот избор сепак падна на Рафаел Надал.

Поранешниот тренер на Ѓоковиќ беше запрашан кому би му го доверил најважниот можен натпревар, меч од кој би му зависел животот.

Иванишевиќ го избра Надал.

Ако ги земеме Федерер, кој игра најубаво и кого е убаво да го гледаш дури и кога игра лошо, па Надал, кој секогаш дава сè од себе и кому би му доверил меч ако животот ми зависи од него… Новак е најкомплетен, тој го игра најдобриот тенис.

Иако токму Надал би бил негов избор за еден таков натпревар, Хрватот веднаш нагласи дека во дебатата за најголемиот тенисер на сите времиња за него нема дилема.

Новак за мене е еден од најголемите спортисти во историјата, а убедливо е најголемиот тенисер.

Иванишевиќ потоа детално објасни што, според него, го издвојува Ѓоковиќ од останатите. Како клучна карактеристика ја посочи неговата неверојатна ментална сила, која најмногу доаѓа до израз кога натпреварите влегуваат во решавачките моменти.

Според него, ако сто тенисери ги гледате само како удираат топче, разликата меѓу првиот и стотиот можеби нема да изгледа огромна. Но кога ќе започне натпреварот и ќе дојдат најважните поени, тогаш се гледа зошто Ѓоковиќ толку долго бил на врвот.

Тој е екстрем, генијалец кој не можеш ни да се обидеш да го разбереш бидејќи ќе се изгубиш.

Хрватот се осврна и на нивната специфична комуникација за време на натпреварите. Ѓоковиќ уште на почетокот на соработката му кажал дека со него не може да работи човек кој не е способен да ги прифати неговите „лудости“.

Викањето кон тренерскиот бокс и бурните реакции, вели Иванишевиќ, биле само начин на кој Новак се ослободувал од притисокот.

Поранешниот шампион на Вимблдон смета и дека токму однесувањето на теренот создало погрешна слика за Ѓоковиќ кај дел од јавноста.

Според него, приватно Новак е голем шегаџија, но и човек кој постојано се обидува да им помогне на другите. Иванишевиќ откри дека понекогаш дури и се нервирал бидејќи Ѓоковиќ непосредно пред натпревар знаел да посветува време на луѓето околу себе, да разговара со нив и да им дава совети.

А кога требаше во една реченица да објасни како изгледа да се игра против Ѓоковиќ, Иванишевиќ употреби можеби и највпечатлива споредба од целото интервју.

Тој е како ајкула или змија. Ќе те фати и само те дави. Нема враќање.