РЕВОЛУЦИЈА ВО КОМО: ИМ ЗАБРАНИЈА НА ДЕЦАТА ДА ИГРААТ СО ГЛАВА
Објавено на: 26.07.2026
Италијанскиот прволигаш Комо воведе нови правила во својата младинска академија со цел подобро да го заштити здравјето на младите фудбалери.
Клубот соопшти дека на децата помлади од 10 години повеќе нема да им биде дозволено да ја удираат топката со глава, ниту на тренинзите, ниту на натпреварите.
Наместо класично изведување аут, најмладите категории ќе ја враќаат топката во игра со додавање по земја, а истото правило ќе важи и при изведување на корнери.
За фудбалерите до 11 години целосно ќе биде забранета играта со глава, додека запознавањето со оваа техника ќе се воведува постепено кон крајот на сезоната, и тоа исклучиво со лесни гумени топки.
Кај играчите до 12 години, вежбањето удари со глава ќе биде дозволено најмногу еднаш месечно, со максимум пет удари по тренинг. За категоријата до 13 години, ова ќе биде дозволено еднаш неделно, исто така со ограничување од пет удари, додека на натпреварите играта со глава останува забранета.
Тренерите добиле насоки да го сведат на минимум непотребното удирање на топката со глава и да избегнуваат користење премногу напумпани топки.
Во креирањето на новите правила учествувал и поранешниот француски репрезентативец Рафаел Варан, кој и претходно јавно зборуваше за последиците што честите удари во главата можат да ги остават врз здравјето на фудбалерите