Тенис

ВИДЕО ШТО ОСВОИ МИЛИОНИ: ЃОКОВИЌ МУ ГО РАЗУБАВИ ДЕНОТ НА МАЛ НАВИВАЧ

Новак Ѓоковиќ уште еднаш покажа зошто е омилен не само поради своите спортски успеси, туку и поради односот кон навивачите.

Додека се одмараше покрај базен со пријателите и членовите на својот тим, едно момче го препозна српскиот тенисер и му пријде со желба да се фотографира.

Ѓоковиќ веднаш застана, го сослуша и со насмевка се фотографираше со својот млад обожавател. По фотографијата, двајцата разменија и неколку зборови, а иако не е познато што точно му кажал, реакцијата на момчето кажуваше сè: со широка насмевка и видно воодушевување истрча кон другата страна од базенот.

Снимката од оваа средба брзо се прошири на социјалните мрежи, а многумина го истакнаа токму моментот кога момчето си заминува пресреќно по краткиот разговор со својот идол.

Ѓоковиќ во моментов одмора по настапот на Вимблдон, каде што стигна до полуфиналето, а потоа го откажа учеството на Мастерсот во Монтреал за целосно да се подготви за продолжението на сезоната.

Ова не е првпат српскиот ас да ги воодушеви најмладите навивачи. По натпреварите и тренинзите често останува да дели автограми и да се фотографира со публиката, создавајќи спомени што младите фанови ќе ги паметат цел живот.