НОВАК ГО ИЗРАМНИ ВЕЧНИОТ РЕКОРД НА ФЕДЕРЕР
Објавено на: 04.07.2026
Најдобриот светски тенисер, Италијанецот Јаник Синер, и српскиот ас Новак Ѓоковиќ продолжија со победите на Вимблдон, третиот Грен слем турнир во сезоната, и сигурно чекорат кон меѓусебно полуфинале.
Во третото коло, Синер без поголеми проблеми го совлада Американецот Џенсон Бруксби со 6:4, 6:3, 6:4. Во првите два сета трипати му го одзеде сервисот на противникот и лесно стигна до водство од 2:0, додека во третиот сет Бруксби отвори со брејк.
Американецот не успеа да ја задржи предноста. При водство од 5:3, Синер сервираше за победа, но Бруксби успеа уште еднаш да му го одземе сервисот. Сепак, Италијанецот веднаш возврати со нов брејк и го завери пласманот во осминафиналето.
Следен противник на Синер ќе биде Јапонецот Шинтаро Мочизуки, кој приреди ново изненадување елиминирајќи ја големата шпанска надеж Рафаел Ходар со 1:6, 7:6 (5), 6:4, 6:4.
Од друга страна, Ѓоковиќ по голема борба го победи Французинот Артур Риндеркнех со 7:5, 6:4, 1:6, 7:6 (4). Мечот траеше три часа и 13 минути, а 25. носител сериозно го намачи српскиот тенисер. Риндеркнех убедливо го освои третиот сет и долго време беше блиску до тоа натпреварот да го однесе во петти сет.
Во тај-брејкот на четвртиот сет Французинот водеше со 4:3, но потоа загуби четири поени по ред, што му ја запечати елиминацијата.
Со оваа победа, Ѓоковиќ ја забележа 105. победа во кариерата на Вимблдон, со што се израмни со досегашниот рекордер Роџер Федерер. Во осминафиналето ќе се соочи со Русинот Роман Сафиулин.
Изненадувањето на денот повторно го приреди токму Сафиулин, кој како квалификант, по победата над сонародникот Андреј Рубљов, во третото коло убедливо го елиминираше и Бразилецот Жоао Фонсека со 6:3, 6:3, 6:3.