Фудбал

МАРОКО СЛАВЕШЕ, ХОЛАНДИЈА ГОРЕШЕ: ГОЛЕМИ НЕРЕДИ ПО МЕЧОТ НА СП

Историскиот пласман на Мароко во осминафиналето на Светското првенство 2026 предизвика еуфорија меѓу мароканската дијаспора во Холандија, но прославата во повеќе градови брзо излезе од контрола и прерасна во нереди.

Веднаш по завршувањето на натпреварот, илјадници навивачи излегоа на улиците на Амстердам, Ротердам, Хаг и Утрехт. Со автомобили украсени со марокански знамиња, сирени и пиротехника, тие го славеа историскиот успех на својата репрезентација, што предизвика голем сообраќаен метеж и блокирање на централните градски подрачја.

Најсериозни инциденти беа регистрирани во Хаг, каде прославата прерасна во судири со полицијата. Според холандските медиуми, групи маскирани лица фрлале петарди и друга пиротехника, по што полицијата интервенирала со солзавец, водени топови и службени кучиња за да ја растера толпата.

За време на интервенцијата, дел од присутните почнале да фрлаат камења, стаклени шишиња и други предмети кон полициските службеници, поради што биле ангажирани дополнителни полициски сили и оклопни возила.


Нереди биле забележани и во Утрехт, каде поединци со автомобили украсени со марокански знамиња возеле по тротоари и пешачки патеки, загрозувајќи ги минувачите. Во повеќе делови од градот биле оштетени јавни објекти, заштитни бариери и друга урбана инфраструктура.

Засега нема официјални информации за бројот на повредени и уапсени лица, а холандската полиција продолжува со истрагата за инцидентите што ја одбележаа ноќта по историскиот успех на Мароко.