ЅВЕЗДАТА НА ИНТЕР ПОД ИСТРАГА ЗА МАЛОЛЕТНИЧКА ПРОСТИТУЦИЈА
Објавено на: 30.06.2026
Дефанзивецот на Интер и италијанската репрезентација, Алесандро Бастони, се најде повторно во центарот на сериозна истрага што ја води Обвинителството во Милано.
Според италијанските медиуми, 27-годишниот фудбалер е под истрага во случај поврзан со наводна мрежа за малолетничка проституција, која, според обвинителите, функционирала преку ескорт-агенција од Чинизело Балсамо и организирала забави за ВИП-клиенти, меѓу кои и фудбалери.
Истрагата се темели на сомнеж дека Бастони во 2020 година имал контакт со девојка која тогаш имала 17 години. Сепак, случајот е далеку од расчистен, бидејќи самата девојка, која била сослушана како сведок, изјавила дека меѓу неа и фудбалерот немало никаков сексуален однос.
И покрај тоа, обвинителството го повикало Бастони на сослушување, а неговиот адвокат Салваторе Скуто потврди дека клиентот ги негира сите обвинувања.
Мојот клиент негира дека имал однос со девојка за која знаел дека е малолетна. Добивме повик за сослушување, но без никакво дополнително образложение и во моментов не знаеме детали за истрагата. Ќе одлучиме дали ќе дадеме исказ пред обвинителите.
Во рамките на истата истрага, финансиската полиција повикала уште тројца познати фудбалери: Даниел Малдини, Рикардо Калафиори и Кевин Бонифаци. Тие, сепак, не се осомничени, туку се повикани исклучиво во својство на сведоци.
Истрагата продолжува, а засега против Бастони нема поднесено обвинение, ниту е утврдена кривична одговорност. Во согласност со принципот на презумпција на невиност, тој се смета за невин сè додека евентуално не биде докажано спротивното во судска постапка.