ФИФА ЌЕ ГИ ПОЗЛАТИ СУДИИТЕ: ЕДЕН АРБИТАР МОЖЕ ДА ЗАРАБОТИ БОГАТСТВО НА СП
Објавено на: 09.06.2026
Светското првенство 2026 нема да донесе рекорди само на теренот, туку и надвор од него. Додека најголемите фудбалски ѕвезди ќе се борат за титулата светски шамион, судиите ќе имаат можност да заработат суми какви што досега не биле видени на едно мундијалско натпреварување.
Според британските медиуми, ФИФА подготвила рекордни хонорари за арбитрите кои ќе бидат дел од турнирот во САД, Канада и Мексико. Секој главен судија ќе добие околу 100.000 американски долари само за учеството на Светското првенство, без разлика на бројот на натпревари што ќе ги суди.
Тоа е значително зголемување во однос на претходните мундијали и претставува речиси двојно поголем износ од оној што судиите го добиваа на Светското првенство во Бразил во 2014 година.
Но тука не завршува заработката. Арбитрите кои ќе продолжат да судат во елиминациската фаза ќе добиваат дополнителни бонуси за секоја следна рунда, а најголемата награда е резервирана за судијата кој ќе ја добие довербата да го води големото финале на 19 јули.
За споредба, елитните судии во Премиер лигата заработуваат меѓу 170.000 и 180.000 фунти годишно, вклучувајќи плати, бонуси и надоместоци за натпревари. Тоа значи дека само еден месец на Светското првенство може да им донесе приход што се приближува до половина од нивната годишна заработка.
Меѓу најпознатите имиња кои ќе делат правда на турнирот се Англичаните Мајкл Оливер и Ентони Тејлор, кои веќе важат за едни од најценетите судии во светот. На списокот се наоѓа и Австралиецот Џаред Џилет, кој ќе има улога на ВАР судија.
Покрај рекордните хонорари, Светското првенство 2026 ќе биде запаметено и по низа нови правила. ФИФА најави поостра борба против одолговлекувањето на играта, нови овластувања за ВАР системот и построги процедури за замени и медицински интервенции.
На турнирот ќе судат вкупно 52 главни судии, 88 помошни судии и 30 ВАР судии, кои ќе бидат задолжени за рекордни 104 натпревари. Тоа ќе биде најголемата судиска организација во историјата на светските првенства.
Додека навивачите ќе ги следат головите и трофеите, судиите ова лето ќе имаат дополнителен мотив: можност за заработка која за многумина претставува вистинско богатство.