ЧУДНИ, НО ВИСТИНИТИ ФАКТИ ЗА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА
Објавено на: 21.05.2026
Светското првенство е полно со приказни што звучат како митови или интернет измислици, но се целосно вистинити. Од кучиња што спасувале трофеи до репрезентации што останале непоразени и сепак испаднале, историјата на Мундијалот крие неверојатни факти.
ЖУЛ РИМЕТ И КУЧЕТО ПИКЛС
Светското првенство отсекогаш носело неверојатни приказни, но малку која е почудна од судбината на оригиналниот трофеј Жул Римет. Во 1966 година, непосредно пред Мундијалот во Англија, трофејот бил украден и целата земја била во паника. Неколку дена подоцна го пронашло куче по име Пиклс, скриен под жива ограда за време на обична прошетка. Но приказната не завршува тука, трофејот повторно бил украден во Бразил во 1983 година и никогаш не бил пронајден. Се верува дека бил стопен за злато.
НЕПОРАЗЕНИ И СЕПАК ЕЛИМИНИРАНИ
Звучи невозможно, но Нов Зеланд беше единствената непоразена репрезентација на Светското првенство во 2010 година и не стигна ни до нокаут фазата. Новозеланѓаните одиграа три нерешени натпревари и испаднаа уште во групите, додека идниот светски шампион Шпанија загуби меч на патот до титулата.
ШПАНИЈА СТАНА СВЕТСКИ ПРВАК СО САМО ОСУМ ГОЛА
Кога ќе се спомне светски шампион, обично се мисли на тим што постигнувал многу голови. Но Шпанија во 2010 година ја освои титулата со само осум постигнати погодоци на целиот турнир. Речиси сите победи беа минимални, а токму контролата и дисциплината ја донесоа титулата во Јужна Африка.
210 МИНУТИ ФУДБАЛ ЗА ПОМАЛКУ ОД ЕДЕН ДЕН
Во денешниот фудбал ова би било незамисливо. На Светското првенство во 1934 година, четвртфиналето меѓу Италија и Шпанија морало да се повтори само 21 час по првиот натпревар. Тоа значело дека дел од играчите одиграле вкупно 210 минути во помалку од едно деноноќие.
АНГЛИЈА ГО ИЗМИСЛИ ФУДБАЛОТ, НО ГО ИГНОРИРАШЕ СВЕТСКОТО
Еден од најчудните факти во историјата на фудбалот е дека Англија, земјата која го создаде модерниот фудбал, не учествуваше на првите три Светски првенства. Англичаните сметале дека турнирот не е доволно значаен и дебитирале дури во 1950 година.
ПРВИОТ СВЕТСКИ ШАМПИОН БЕШЕ И ДОМАЌИН
Уругвај не само што го организираше првото Светско првенство во 1930 година, туку и го освои. Пред речиси 100.000 гледачи, Уругвај ја победи Аргентина во финалето и засекогаш остана запишан како првиот светски шампион.
РОНАЛДО НЕМА ПОСТИГНАТО ГОЛ ВО НОКАУТ ФАЗА НА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Еден од најчудните помалку познати факти е што Кристијано Роналдо нема постигнато гол во нокаут фазата. Можеби на следното првенство тоа ќе го направи и конечно овој факт ќе остане избришан од светската фудбалска историја?
Светските првенства секогаш носеле приказни што звучат како легенди или интернет митови. Но токму тоа е магијата на Мундијалот, понекогаш најневеројатните факти се и највистинити.