СОБИРАЧИТЕ НА ТОПКИ ГО ПОЛУДЕА ДОНАРУМА
Објавено на: 04.04.2026
По драматичниот натпревар меѓу Босна и Херцеговина и Италија, тензиите не завршија со последниот свиреж туку следуваше и необичен инцидент меѓу голманите.
Во центарот на вниманието се најде Џиџи Донарума и неговиот „список“, детално подготвен документ со информации за изведувачите на пенали на Босна и Херцеговина. Листот бил испечатен, пластифициран и содржел прецизни белешки за навиките на противничките играчи, вклучувајќи имиња, броеви и насоки на шутевите.
Но, и покрај целата анализа ефектот изостана, Донарума не успеа да одбрани ниту еден пенал.
Од другата страна, босанскиот голман Васиљ имал многу поедноставен пристап, белешки на обичен лист хартија. И токму тие се покажаа како поефикасни во клучните моменти.
Ситуацијата доби и дополнителна доза апсурд кога во приказната се вмешаа и децата собирачи на топки на стадионот Билино Поље. Според медиумите, тие успеале да го украдат листот со упатства на Донарума, што само ја зголеми љубопитноста околу целиот случај.
Фотографијата од листот брзо се прошири, а јавноста почна да ги анализира деталите. Ознаките „SX“ и „DX“ означувале лева и десна страна од голот, додека податоците биле внимателно подготвени за секој противнички играч.

Иронијата? Понекогаш, не победува оној со најдобра подготовка туку оној со најдобра реакција во моментот.