МАКЕДОНИЈА ЌЕ ЈА ИСПРАЌА БИХ НА СВЕТСКО
Објавено на: 05.04.2026
Македонската фудбалска репрезентација во јуни ќе има интересен и значаен тест: гостување кај Босна и Херцеговина во Сараево, натпревар кој веќе се најавува како вистински спектакл кај „домаќините“.
Иако за Македонија ова ќе биде пријателски дуел по пропуштениот бараж за Светското првенство, за домаќините мечот ќе има сосема поинаква тежина. Босанците, кои сензационално ја елиминираа Италија и обезбедија место на Мундијалот, ќе го користат овој натпревар како генерална проба пред најголемата сцена.
А токму тука Македонија влегува во улога на сериозен тест. Натпреварот се најавува за 29.05.2026, што ќе биде добар текст за Седлоски и играчите со кои ќе треба да се започне следниот циклус.
Нашата селекција ќе има можност да ја „провери“ подготвеноста на Босна и Херцеговина пред нивниот настап на Светското првенство, кое започнува на 11 јуни во САД, Канада и Мексико. Тоа значи дека домаќините ќе излезат со максимален пристап, што автоматски го крева и нивото на самиот натпревар.
Дополнителен мотив ќе биде и атмосферата. Според најавите, на стадионот Кошево се очекуваат околу 30.000 гледачи, што ветува жешка фудбалска вечер во Сараево. За Босна, испраќање на репрезентацијата кон Светското. За Македонија, можност да се покаже карактер и квалитет против тим што оди на најголемата сцена.