ЈУВЕНТУС КУПУВА ВО СИНИОТ ДЕЛ НА МАНЧЕСТЕР
Објавено на: 20.03.2026
Италијанскиот гигант Јувентус сериозно тргнува по големо засилување, мета е ѕвездата на Манчестер Сити, Бернардо Силва.
Според информациите на Газета дело Спорт, торинскиот клуб е подготвен да му понуди на португалскиот репрезентативец тригодишен договор, со можност за продолжување на уште една сезона. Она што ја прави оваа зделка особено привлечна е фактот што Силва би можел да пристигне како слободен играч, бидејќи неговиот договор со Манчестер Сити истекува во јуни.
Иако Јувентус има политика на пократки договори за играчи над 30 години, клубот е подготвен да направи исклучок во случајот на Силва. Причината е јасна, неговиот квалитет, искуство и лидерски карактер на теренот.
Раководството веќе стапило во контакт со неговиот агент Жорже Мендеш, испраќајќи јасна порака дека сака да го донесе во Торино.
Преговорите за финансиските услови се очекува да започнат наскоро, а Јувентус е подготвен да понуди плата од 7 до 8 милиони евра по сезона – значителна сума која покажува колку сериозно го посакуваат овој трансфер.
Сепак, Јувентус нема да биде единствениот во трката. Интерес за Бернардо Силва покажуваат и Барселона, Интер Мајами и Галатасарај, што значи дека конкуренцијата ќе биде силна.
И покрај тоа, според истите извори, Силва нема да донесе конечна одлука за својата иднина пред мај, што остава простор за сите заинтересирани клубови да ги достават своите понуди.