Фудбал

ИНФАНТИНО ИМАЛ ПЛАН ДА ГО „ПРОДАДЕ“ СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА НАРЕДНИТЕ 96 ГОДИНИ

Џани Инфантино имал скандалозен план со кој комерцијалните права на ФИФА, вклучувајќи ги и оние за Светското првенство, би завршиле во рацете на приватни инвеститори во период од речиси еден век. Деталите за проектот ги откри британски „Гардијан“, кој дошол до интерни документи на светската фудбалска централа.

Проектот, наречен „ФИФА Форвард Ентерпрајз“ (ФФЕ), бил проценет на 20 милијарди долари, односно околу 17 милијарди евра. Иако идејата била напуштена по жестоките реакции, документите откриваат дека се разгледувала долгорочна трансформација на начинот на кој ФИФА управува со своите комерцијални права.

Планот предвидувал основање посебна профитна компанија на која би ѝ биле пренесени комерцијалните права за сите натпреварувања на ФИФА во наредните 96 години. Според документите од 17 и 18 јули, договорот би бил структуриран во циклуси од по 12 години, а светската централа трајно би задржала 51 процент од сопственоста.

Како главен инвеститор бил предвиден американскиот фонд „Трајв Капитал“, додека проектот интерно го носел името „Проект Бокс“. Особено внимание привлекува и финансискиот модел за раководството на новата компанија. За него биле предвидени до пет проценти од акциите како бонус, што можело да донесе исплата од 50 милиони долари за секоја милијарда долари зголемување на вредноста над почетната процена од 20 милијарди.

Дополнително, со управниот одбор на компанијата требало да претседава Џани Инфантино, што отворало прашања за неговата улога во целиот проект.

Документите откриваат и клаузула според која ФИФА би морала да плати 250 милиони долари отштета доколку се повлече од договорот или одлучи да склучи партнерство со друг инвеститор. Контроверзно е и тоа што не бил организиран тендер, а финансискиот оддел на ФИФА, според истите документи, не бил директно запознаен со условите на предложениот договор.

Од ФИФА одговориле дека ваков предлог би морал да помине низ одобрување од националните федерации и Советот на организацијата. Нагласиле и дека бонусите биле предвидени исклучиво за раководството на новата компанија, во кое не би можеле да членуваат функционери на ФИФА, додавајќи дека Инфантино немал да оствари дополнителна заработка.

Во меѓувреме, Инфантино во март ќе се кандидира за четврти мандат на чело на ФИФА, а засега важи за главен фаворит за продолжување на претседателската функција.