Мотоспорт

МЕСТО КИМИ АНТОНЕЛИ, СПИКЕРОТ ГО ПОВИКА КИМИ РАИКОНЕН НА ПОДИУМ

Трката за Големата награда на Кина донесе големо изненадување во Формула 1, младиот италијански талент Андреа Кими Антонели стигна до сензационална победа. Но, покрај историскиот триумф на младиот возач, вниманието на социјалните мрежи го привлече и една комична грешка на спикерот.

Во моментот кога Антонели се појави на подиумот, коментаторот го изговори името Кими Раиконен, легендарниот фински шампион од Формула 1, наместо името на новата ѕвезда на Ф1 патеките.

Ситуацијата веднаш стана вирална, бидејќи многумина се прашуваа дали навистина се работи за грешка или за сосема разбирлива забуна, а социјалните мрежи веќе ги споделуваат видеата од комичниот настан, од кој изненаден остана и Кими Антонели. На негова сметка се пошегува и тимот на Мерцедес, кој го споделија видеото.

Ако се прашуваш од каде потекнува името Кими, иако се вика Андреа, еве зошто.

Неговиот татко, Марко Антонели, кој има картинг тим, бил голем фан на финскиот возач Кими Раиконен. Во чест на тогашната ѕвезда на Формула 1, го додал името Кими како второ име на традиционалното име Андреа. Така, уште од мали нозе, Андреа сите го именуваат со Кими.

Затоа и не е чудно што спикерот во моментот на големата победа инстинктивно го изговорил името на финскиот шампион. Во Формула 1 името „Кими“ со години беше синоним за Раиконен – светскиот шампион од 2007 година со Ферари и една од најхаризматичните фигури во спортот.