ПАВЛОВИЌ: ИНТЕР НЕ Е ФАВОРИТ ВО ДЕРБИТО
Објавено на: 05.03.2026
Страхиња Павловиќ минатиот викенд беше херој на Милан. Српскиот репрезентативец постигна гол во 90 минута против Кремонезе и им донесе важна победа на „росонерите“, со што тимот ги задржа теоретските шанси во борбата за Скудетото.
Сега вниманието е насочено кон големото градско дерби против Интер, кое може дополнително да ја заостри трката за титулата во Серија А, иако лидерот на табелата има предност од 10 бода пред градскиот ривал.
Во интервју за Газета дело спорт, Павловиќ истакна дека Милан нема намера да се предаде додека постои и најмала математичка шанса.
Ќе биде тежок натпревар. Интер е пред нас на табелата и веројатно ќе игра со помал притисок, но дербито е посебна приказна. Секое дерби е различно. Очекувам многу борба и се надевам на победа.
Дефанзивецот признава дека ваквите натпревари му одговараат, а од миланските дербија, најмногу му останал во сеќавање триумфот од 3:0 во реваншот од полуфиналето на Купот на Италија минатата сезона.
Тешко е да уживаш во дерби натпревари бидејќи се многу тешки и полни со дуели, но тој меч навистина го паметам. Не се согласувам дека Интер е фаворит. Во дерби нема фаворити. Тоа го видовме и минатата сезона. Можеме да кажеме дека ова е најважниот натпревар во сезоната. Сите во Милан знаат колку ни значи.
Павловиќ зборуваше и за напаѓачите на Интер, нагласувајќи дека тимот има многу квалитет во нападот, а посебен осврт имаше за Пио Еспозито.
Интер има четворица многу квалитетни напаѓачи со различни карактеристики. Секогаш тренирам на 100 проценти, без разлика кој е противник. Еспозито? Тој е млад, гладен за докажување и многу силен за своите години. Мораме да бидеме подготвени и за него.
Павловиќ откри и кој му задава најмногу проблеми на тренинг.
Леао е тежок за чување, но најмногу се мачам со Пулишиќ. Тој е играч кој не влегува во директни дуели, многу е брз и секогаш се извлекува. Како змија е, едноставно ви бега.