Тенис

КАКВИ РЕКОРДИ МОЖЕ ДА СЕ СРУШАТ УТРЕ ВО ФИНАЛЕТО ВО МЕЛБУРН?

Финалето во Мелбурн носи повеќе од борба за пехар. На иста сцена ќе се судрат двајца ривали со сосема различни соништа, еден што брка вечност и друг што брка историја на младоста. Ваков судир тенисот досега не памети.

Од едната страна е Новак Ѓоковиќ, кој на 38 години има шанса да го собори сопствениот рекорд и да стигне до 25 Грен слем титула, со што би станал апсолутен рекордер во историјата, надминувајќи ја и Маргарет Корт. За ваков рекорд се потребни години, истрајност и долговечност, нешта во кои Новак одамна е ненадминлив.

Од другата страна стои Карлос Алкараз, само 22 години, но веќе со две титули на секој од преостанатите три грен-слем турнири. Единствено што му недостига е трофејот од Мелбурн. Ако победи, ќе стане најмладиот тенисер во историјата со комплетиран кариеран Грен слем.

Иако рекордот на Ѓоковиќ тежи повеќе во историска смисла, неговата позиција има помал психолошки притисок. Никој разумен не би рекол дека Новак ќе се појави на преостанатите три најголеми турнири во 2026 без ореол на фаворит.

За Алкараз, приказната е поинаква. Ова е „сега или никогаш“, барем кога станува збор за апсолутниот рекорд во досегашната историја на тенисот. Причината е јасна: најмладиот тенисер кој досега го комплетирал кариераниот Грен слем е Дон Бадж, кој тоа го направил на Ролан Гарос во 1938 година, само два дена пред својот 23. роденден. Рекорд стар неверојатни 88 години.

Алкараз во мај полни 23. Ако не успее сега, таа апсолутна шанса исчезнува засекогаш.

Сепак, постои и една „утешна“ категорија. Тениската историја се дели на период пред и по 1968 година – т.н. Open ера, кога професионалците конечно добија право да настапуваат на Грен слем турнирите. Во рамките на таа ера, рекордер е Рафаел Надал, кој го комплетираше кариераниот Грен слем со 24 години и речиси четири месеци, освојувајќи го US Open во 2010 година.

Тоа значи дека Алкарас, ако не успее сега, би имал уште една шанса следниот јануари да стане најмлад рекордер, но само во рамките на Open ерата, иако токму таа се смета за поквалитетниот и поконкурентниот период во историјата на тенисот.

На крајот, апсолутниот рекорд за најмлада возраст при комплетирање на кариеран Грен слем најверојатно никогаш нема да биде надминат. Го постави Штефи Граф со само 19 години.