Фудбал

АКО Е ЗА УТЕХА: СИМЕОНЕ МУ СЕ ИЗВИНИ НА ВИНИСИУС

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, јавно се извини за своето однесување за време на шпанскиот Суперкуп, упатувајќи извинување до фудбалерот на Реал Мадрид како и до претседателот на кралскиот клуб, Флорентино Перез.

Инцидентот се случи во полуфиналниот дуел од Суперкупот, во кој Реал Мадрид славеше со 2-1 против Атлетико. Симеоне беше забележан како се обидува да го испровоцира Винисиус покрај аут-линијата, откако Бразилецот иронично реагираше на неколку барања за пенал од играчите на Атлетико. Аргентинецот тогаш му дофрли дека „Флорентино ќе те избрка“, а при замената на Винисиус, Симеоне му покажа да ги „слуша свирежите“ од трибините.

По натпреварот, сега веќе екс-тренерот Чаби Алонсо, изјави дека Симеоне „преминал граница“, а очигледно и самиот тренер на Атлетико сфатил дека претерал.

На прес-конференцијата пред натпреварот со Депортиво Ла Коруња во Копа дел Реј, Симеоне повторно се осврна на ситуацијата:

Сакам да им се извинам на господинот Флорентино и на Винисиус за тоа што се случи. Не беше правилно од моја страна и ја прифаќам одговорноста. Победничкиот тим заслужи да се пласира понатаму.

Запрашан дали реакциите биле претерани, Аргентинецот кратко порача:

Се извинив. Не барам прошка и немам што повеќе да додадам.

Со ова, Симеоне се обиде да стави точка на контроверзијата и да го затвори случајот што предизвика големо внимание во шпанската и европската јавност.