СЕДЛОСКИ ИЛИ МРМЕ КАКО НАСЛЕДНИК НА МИЛЕВСКИ?
Објавено на: 04.12.2025
Гоце Седлоски важи како голем фаворит за наследник на Благоја Милевски, чиј договор истече со последниот натпревар во Кардиф против Велс, но дел од македонските медиуми шпекулираат дека во раководството на ФФМ постои дилема дали можеби претходниот селектор е опција вредна за размислување.
Популарниот Мрме беше селектор на А репрезентацијата шест години, од 2015 до 2021 година, кога си замина по Европското првенство и несогласувањата со раководството на ФФМ. Со неговото заминување, од селекцијата по брзо време заминаа и Бобан Николов и Стефан Ристовски, како и Аријан Адеми некој месец подоцна, но и Илија Несторовски. Сега, со промената на Милевски од кормилото, со Ангеловски се отвара шанса за враќање на „генерацијата“ со која стигнавме до Европското, но и враќање на дел од репрезентативците назад, пред се Ристовски и Николов. Тој во моментов го предводи Етникос Ахнас од Кипар, откако претходно имаше краток ангажман во Казахстан со фудбалскиот клуб Каспиј.
Од друга страна, како најсериозен кандидат се смета поранешниот капитен на репрезентацијата, а сегашен тренер на Вардар, Гоце Седлоски. „Седло“ има 100 настапи во селекцијата на Македонија, одлично ги познава домашните услови и лигата, но останува да видиме дали раководството на ФФМ, од кои голем дел се негови поранешни соиграчи ќе му ја дадат довербата да ја предводи Македонија пред се на Баражот за Светското првенство на дуелот против Данска, а понатаму и квалификации за Европско првенство.
За сега, странско име не се споменува за можен предводник на репрезентацијата, иако имаше најави за такво нешто по натпреварот во Кардиф.