ГО ТРГНА КРОС ОД ВРВОТ – ТОМАС МИЛЕР Е НАЈТРОФЕЈНИОТ ГЕРМАНСКИ ФУДБАЛЕР ВО ИСТОРИЈАТА
Објавено на: 02.10.2025
Томас Милер каде и да игра, трофеите го следат. Германскиот ветеран ноќеска го подигна 35-тиот трофеј во кариерата и со тоа испиша историја, стана најтрофејниот германски фудбалер, преземајќи го врвот од оваа листа од Тони Крос, кој освои 34 трофеи пред да се пензионира по крајот на сезоната 2023/24.
Милер со неговиот Ванкувер вајткепс славеше со 4-2 против градскиот ривал Ванкувер во финалето на канадското првенство, дуел во кој и самиот Томас беше стрелец за предност од 2-0 погодувајќи од белата точка. Интересно е што тој гол беше јубилеен 300-ти гол за Милер во кариерата.
Разбирливо, ова е прв трофеј за Милер со Вајткепс, сите останати ги освои со Баерн Минхен каде ја помина речиси целата кариера, а се памети и светската титула освоена со Германија во 2014 година.
Милер е вистинска легенда на германскиот фудбал, својот неспорен квалитет го потврдува и на 36 години.