ПОСТИГНА ГОЛ ВО ЛИГАТА НА ЕВРОПА ПО ПОВЕЌЕ ОД 16 ГОДИНИ ПАУЗА
Објавено на: 25.09.2025
Црвена звезда и Селтик ремизираа на отворањето на новата сезона во Лигата на Европа, во Белград се поделија бодовите при конечни 1-1. Шкотскиот првак прв зададе удар непосредно по почетокот на второто полувреме, но Црвено-белите преку Марко Арнаутовиќ израмнија во 65-тата минута, а и двете екипи може да жалат за испуштените шанси кои можеа да им обезбедат три бода.
На оваа средба се постави интересен рекорд, а во главната улога е токму искусниот Арнаутовиќ. Имено, според „Опта“, австрискиот репрезентативец го прекина најдолгиот интервал меѓу два погодоци во Лигата на Европа – 16 години и 217 дена. На свои 19 години како член на Твенте, Арнаутовиќ го постигна единствениот негов гол во ЛЕ против Марсеј во февруари 2009 година.
Оттогаш, Арнаутовиќ во главно играше за екипи кои настапуваа во Лигата на шампионите или воопшто немаа излез во Европа, па дури по повеќе од 16 години заигра во второто по квалитет натпреварување на УЕФА и конечно го прекина постот затресувајќи ја мрежата на Келтите.