Фудбал

ПРОПАДНА ГОЛЕМИОТ ТРАНСФЕР НА БИЛБАО ПОРАДИ НЕОДГОВОРНОСТА НА САУДИЈЦИТЕ

Ајмерик Лапорте ќе мора да почека за својот камбек во редовите на Атлетик Билбао, откако документите за неговиот трансфер од Ал-Наср не стигнаа навреме до ФИФА. Искусниот шпански дефанзивец речиси цел месец беше во исчекување на враќањето дома откако ги договори личните услови за потпишување на соработка, но клубовите дури во последниот ден од преодниот рок постигнаа договор и го отпочнаа процесот на ангажманот.

Според ФИФА, Ал-Наср не успеа навремено да ги испрати потребните документи до Светската фудбалка куќа, за таа да даде зелено светло за трансферот и регистрација на фудбалерот во старо-новиот клуб. Од страна на Билбао била доставена целата документација, но од непознати причини Саудијците не го испочитувале рокот.

Поради тоа, Лапорте засега ќе мора да се врати во Ал-Наср и да чека до 1 јануари за и официјално да го реализира своето враќање во матичниот клуб. Баскијците имаат опција да се жалат до Судот за спортска арбитража, но со оглед на тоа дека ФИФА се држи до строгите правила и било утвредно доцнењето на документите, се чини дека евентуална жалба не би донела никакви промени во одлуката трансферот да не се реализира.