ИЊАКИ ВО ОДБРАНА НА БРАТОТ НИКО: ЛАГИТЕ НА БАРСА НИ ГО НАПРАВИЈА ЛЕТОТО ПЕКОЛ
Објавено на: 29.07.2025
Нико Вилијамс веќе неколку години е огромна желба на Жоан Лапорта и Барселона, меѓутоа шпанскиот репрезентативец и ова лето се одлучи да ја потврди верноста кон Атлетик Билбао со потписот на новиот договор кој му важи до 2035 година. Иако целата фудбалска јавност го очекуваше трансферот на Нико во Барса, дури и Фабрицио Романо во неколку наврати тврдеше дека работата е завршена, брзоногото крило остана во Баскија каде и во наредните години ќе биде прва ѕвезда на клубот.
Во меѓувреме, неговиот постар брат Ињаки, кој воедно е и eден од капитените на Билбао, застана во одбрана на Нико и откри што сè се случуваше додека траеше оваа сага.
„Одреден период целото семејство помина низ пекол. Целта на Барселона беше преку медиумите да изврши притисок на Билбао за да го продаде Нико. За разлика од нашиот начин на оперирање на пазарот, тие спроведоа голема медиумска кампања мислејќи дека така ќе успеат да го потпишат мојот брат. Многу работи кои се споделија во јавноста беа лажни, измилени информации кои лесно се продаваат на социјалните мрежи. Поради тоа, моравме да трпиме напади како демолирање на муралите на брат ми кои можете да ги видите низ градот. Некои дури и се обидоа да му влезат дома, наидовме и на скршено стакло од неговиот автомобил“, истакна Ињаки.
Според Ињаки, повеќето информации кои се споделија низ медиумите одреден период воопшто не беа точни, како на пример желбата на Нико да го облече дресот на каталонскиот гигант, иако тој никогаш не ги демантираше тие шпекулации. Новата соработка меѓу Нико и Билбао која важи до 2035 година наводно веќе била одамна договорена и се чекал вистинскиот момент за да се официјализира. На крајот, Барселона го сврте вниманието кон Маркус Рашфорд кого го доведоа на позајмица, откако го прифатија неуспешниот обид да го привлечат Нико Вилијамс.