УШТЕ ЕДЕН КЛУБ ОД ТОП 5 ЛИГИТЕ ТРГНА ПО ПОТПИСОТ НА ЕЛМАС
Објавено на: 29.07.2025
Иднината на Елиф Елмас треба да се реши во текот на овој летен преоден рок со оглед на тоа дека не е во плановите на Лајпциг и тренерот Оле Вернер. Се очекуваше нашиот дијамант да остане во Торино по успешната позајмица, но Биковите нема финансии за да го откупат неговиот договор, а прилика повторно да се врати во Серија А му нуди Рома.
Засега нема конкретна понуда за Елмас од гигантот од Рим, а во меѓувреме уште еден клуб од топ 5 лигите во Европа се приклучи во трката за неговиот потпис. Станува збор за Реал Сосиедад, тимот од регионот на Баскија кој во новата сезона нема да настапува во ниту едно европско натпреварување, па ќе се фокусира на што е можно подобар пласман во Ла Лига.
Воедно ова е шанса за Елмас да се проба во шпанскиот фудбал и тоа во респектабилен тим. Би бил трет претставник на Македонија во Ла Лига заедно со Столе Димитриевски (Валенсија) и Бојан Миовски (Жирона), освен ако не се одлучи да ја задолжи опремата на римската Волчица и да игра под палката на Џанпјеро Гасперини.
Во следниот период и Рома и Сосиедад треба да испратат понуди до Лајпциг, а Елмас најверојатно ќе ја одбере онаа која ќе му гарантира поголема минутажа.