ДОЈДЕ, ЈА ОСВОИ ЗЛАТНАТА КОПАЧКА ВО КАЛЧОТО, ПА СЕ ЗАЛЕТА ПО ПАРИТЕ
Објавено на: 17.07.2025
Матео Ретеги пристигна во Саудиска Арабија каде наскоро ќе го официјализира трансферот во Ал-Кадсија за огромни 70 милиони евра. Напаѓачот на Аталанта и најдобриот стрелец во Калчото за минатата сезона, се одлучи за овој потег од финансиски причини, ќе заработува по 20 милиони евра годишно, што е за осумпати повисока плата од онаа која ја заработува во Аталанта.
Ретеги се пресели во Бергамо во летото 2024 година од редовите на Џеноа и за брзо се етаблира во еден од најклиничните напаѓачи во Серија А, а неговата способност да ја тресе противничката мрежа го доведе до златната копачка во италијанскиот шампионат, откако постигна 25 гола и додаде 8 асистенции на своето конто. Иако неговата форма ги алармираше европските гиганти кои се обидоа да го привчелат, Ретеги се одлучи на 26 години да ја продолжи кариерата во Саудиска Арабија.
Оваа одлука ги разгневи навивачите на Аталанта кои очекуваа од италијанскиот репрезентативец да биде новото лице на клубот, со оглед на тоа дека во овој преоден рок Адемола Лукман треба да ја напушти популарната „Божица“. Според објавите на италијанските медиуми, фановите на Аталанта се чувствуваат изневерено бидејќи клубот му помогна на Ретеги да се претстави на големата сцена и со нивна помош да стигне до националниот тим на Италија, за сега да се залета по парите и да ги тргне на страна фудбалските амбиции.