Фудбал

ДАЛИ ФИФА ЌЕ РЕАГИРА И ЌЕ ГО КАЗНИ ЕНРИКЕ? (ВИДЕО)

ПСЖ се распадна во светското финале и загуби со убедливи 0-3 од Челси, а поразот тешко беше прифатен од страна на европскиот шампион и тренерот Луис Енрике. Шпанскиот стратег се најде во физичка пресметка со Жоао Педро, напаѓачот на Сините, набрзо откако судијата го означи крајот на финалето на „Метлајф“ стадионот во Њу Џерси.

Фудбалерите на двете екипи се затуркаа, а Енрике се вмеша и го оттурна Педро фаќајќи го за врат, за потоа веднаш да се расчисти гужвата.

Енрике по натпреварот се изјасни дека направил глупав потег, а дека целата ситуација можела лесно да се избегне.

„Постапив глупаво во тој момент. Ова беше ситуација која можеше целосно да се избегне. Намерата ми беше да ги раздвојам играчите. Не сум лош губитник. Ние сме вицешампиони, губитници се оние кои не стануваат од кревет наутро“, истакна Енрике.

На ред е ФИФА да постапи според правилникот и да одреди казна за предводникот на ПСЖ. Мала е веројатноста дека било каква суспензија би се пренасочила кон француското првентство или Лигата на шампионите, но и тоа како Енрике може да биде суспендиран и да пропушти неколку натпревари доколку неговиот тим обезбеди пласман на следното Светско клупско првенство, кое ќе се одржи дури за четири години.