Фудбал

ИМ СЕ СМЕНИЈА ЖИВОТИТЕ: И НАЈСЛАБИОТ ТИМ НА СКП ЗАРАБОТИ БОГАТСТВО

Првото издание на новото ФИФА Светско клупско првенство заврши, а Челси е тимот кој во следните четири години ќе го носи статусот на светски шампион. Премиерниот клупски Мундијал во САД помина со доста интересни ситуации, но и контроверзи од организациски аспект, сепак од финансиска гледна точка може да се каже дека овој експеримент на ФИФА помина успешно.

Имено, познато е колку заработија сите 32 клуба кои учествуваа на СКП. Нормално, Челси како шампион инкасира дури 114,6 милиони долари, за вицешампионот ПСЖ гарантирани се 106,9 милиони американски долари. На трето место е Реал Мадрид со 82,5 милиони долари, а во топ 5 уште се Флуминенсе со 60,8 и Баерн Минхен со 58,2 милиони долари заработка.

Дури и најслабиот тим на првенството, Оукленд Сити од Нов Зеланд, инкасира 4,6 милиони долари, што е огромна заработка за полупрофесионален клуб. Тимот за кој играа наставници, менаџери за продажба, фудбалери кои мораа да земат одмори од примарните работни места за да настапат во САД, ќе ги наполнат џебовите иако беа само спаринг партнери на посериозните учесници.

Оукленд прими 17 гола во три меча, одигра и едно реми против Ботафого при конечни 1-1, а оваа рекордна парична награда за клубот од Нов Зеланд и тоа како ќе помогне за понатамошен развој на клубот.