ВО ЦЕЛОСТ ОДЛУКАТА НА ЕХФ ДА ГО ПРОГЛАСИ АЛКАЛОИД ШАМПИОН НА ЕВРОПСКИОТ КУП!
Објавено на: 05.06.2025
Aлкалоид е шампион на Европскиот Куп на ЕХФ за сезоната 2024/25, е конечната одлука на Куќата на ракометот по речиси двенеделна неизвесност откако АЕК одби да игра во реваншот во Скопје. ЕХФ додели службена победа од 10-0 во корист на македонскиот клуб, па технички со двоен триумф избраниците на Кире Лазаров стигнаа до историската прва титула во клупската историја.
Во продолжение го пренесуваме соопштението на ЕХФ во целост:
„Ракометниот суд ја донесе одлуката по отворениот случај околу реванш натпреварот меѓу Алкалоид и Аек во финалето на Европскиот Куп кој не се одигра, а беше закажан на 25 мај во Скопје. Судот утврди дека АЕК бил должен да настапи на натпреварот, а со самото одбивање клубот ги прекрши пропшисите на ЕХФ и поради тоа ја сноси оваа одговорност. Резултатот од вториот финален дуел е 10-0 во корист на Алкалоид по службен пат, односно Алкалоид победи со 2-0 откако во првиот натпревар исходот беше 25-29 во корист на гостите. Согласно резултатот, Алкалоид е прогласен за освојувач на трофејот во Европскиот Куп за сезоната 2024/25. Секоја жалба против оваа одлука нема да има суспензивен ефект. Во врска со одбивањето да игра натпреварот, поврзаните штети и распределбата на билетите, ќе се одредат посебни дисциплински постапки кои уште се во тек. РК АЕК Атина има рок од седум дена да поднесе жалба до Апелациониот суд на ЕХФ“, стои во соопштението на Европската ракометна куќа.
Ова е историски момент за македонскиот ракомет, првпат од 2019 година кога Вардар ја освои втората европска титула во ЛШ, имаме наш клуб со освоен европски трофеј. Кире Лазаров воедно стигна до првото континентално одличје како тренер, откако во играчката кариера освои сè што можеше да освои.
РАДУВАЈ СЕ МАКЕДОНИЈО!