НЕУСПЕШЕН ОБИД НА ПАНДЕВ ДА ГО ВРАТИ РИСТОВСКИ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Објавено на: 04.06.2025
Горан Пандев, легендата на македонскиот фудбал и актуелен спортски директор на фудбалската федерација на Македонија, во интервју за „Footmob.com“ откри дека имал неуспешен обид да го врати Стефан Ристовски во репрезентацијата.
Риле ја наследи капитенската лента на нашата селекција токму по пензионирањето на Пандев, а последниот натпревар за Македонија го одигра против Англија за потоа да одлучи повеќе да не ги брани националните бои додека Благоја Милевски е селектор. Пандев со пример од неговото минато искуство се обидел да го убеди Стефан да се врати, но за жал не успеал.
„Со Ристовски стапив во контакт уште лани во декември, набрзо по промената на раководството во федерацијата. Разговаравме со него, потоа имаше и состанок со новиот претседател Омераџиќ на кој јас не присуствував. Му објаснив дека и јас имав слични дилеми во 2014 година кога решив да престанам да настапувам за репрезентацијата, но Стефан имаше други ставови. Тој се повлече по поразот од Англија и остана на одлуката да не се враќа додека Милевски е селектор. Треба да ја почитуваме неговата одлука, искусен играч е. Сепак, знам дека може уште многу да даде за репрезентацијата и да игра на високо ниво“, изјави Пандев.
Колку за потсетување, Пандев паураше од националните обврски од ноември 2014 до октомври 2015 година, кога тогашниот селектор Игор „Мрме“ Ангеловски успеа да го убеди повторно да го облече дресот на Македонија. Враќањето на Пандев беше почеток на еден историски проект кој кулминираше со прв пласман на големите натпреварувања, кога Македонија играше на Европското првенство во 2021 година, по што легендарниот Гоче стави крај на кариерата по дуелите со Романија, Украина и Холандија во групната фаза.